Еден Азар е свесен дека нема најпосакуван старт на кариерата во Реал Мадрид, но сепак, белгискиот капитен не им дозволува премногу на медиумите да се распламнат со нападни вести, бидејќи самиот тој признава дека му е потребно време да се адаптира во новата средина.
Азар си го исполни детскиот сон со пристигнувањето во шпанската престолнина, не само поради тоа што потпиша за Реал Мадрид, туку и поради фактот што соработува со неговиот најголем идол, Зинедин Зидан. Францускиот стручњак беше клучен фактор за пристигнувањето на Еден на „Сантијаго Бернабеу“, а во интервјуто за „Лекип“, Белгиецот открива и каква интересна порака добил од Зизу уште во 2016-та година.
– Првпат зборував зо Зизу за време на Европското првенство во 2016-та година во Фрнација. Се сеќавам дека ми рече „би било убаво да дојдеш во Реал“. Тие зборови останаа врежани во мојата глава, – се потсетува Азар, кој се осврнува и на својот проблематичен старт во „кралскиот клуб“.
– Првите два или три месеци во Реал Мадрид не беа онакви какви што ги замислив. Сепак, Зидан ми повторува една работа. Бара да бидам мирен, ми вели да бидам само среќен на теренот. Постојано ми го повторува тоа. Тој ги сака своите играчи, едноставно чувствувате дека сите играчи се среќни што Зизу е тренер, дури и оние кои не играат, – завршува Белгиецот.