Бектеши очекува намалување на цените на горивата од понеделник

|

Министерот за економија Крешник Бектеши смета дека од понеделник цените на нафетните деривати ќе се намалат.

-Може да биде малку поскапо од Србија, од другите не верувам дека е поскап и дизелот. Денеска во Собрание најверојатно би требало да се усвои законот за ДДВ и законот за акцизи, а имајќи ги предвид и вчерашните цени на берзата и цената пред два дена, очекувам согласно анализите од утре, а многу е важно да се наведе дека веќе од понеделник ќе имаме не поевтини цени од регионот, но значително поевтини цени, истакна Бектеши, одговорајќи на новинарски прашања.

Во врска со амандманите поднесени од ВМРО-ДПМНЕ, министерот нагласи дека секој предлог би требало да се разгледува, но и дека треба да се образложи зошто нешто се предлага, какви би биле фискалните импликации и како тоа би можело да влијае.

Тој и порача на опозициската партија дека сега не е време за политикантство и натпревар.

-Сега ние нема да направиме натпревар кој ќе излезе на телевизија и ќе каже колку треба да биде намалувањето. Еве на пример, тие кажале 50 отсто, сега да излезат пратеници или партија која е дел на мнозинството да каже 100 отсто. Ова не е време за натпреварување. Ова не е време за политикантство. Ова е време за носење одржливи одлуки кои ќе бидат во интерес на потрошувачите, во интерес на граѓаните, со цел да влијаеме врз намалување на цените. Прво и основно, кога се откажуваме од акцизите и од ДДВ, ние не се откажуваме од Буџетот на државата. Тој буџет е буџет на граѓаните на Северна Македонија и тие пари кои треба да бидат во приходната страна на Буџетот кои се на граѓаните ние ги носиме кај граѓаните за да нема ценовни шокови за нив, потенцира Бектеши.