Денес се празнува Преподобен Јоаким Осоговски: Од неговите мошти се случувале чуда

|

Се подвизуваше во втората половина на 11. век на Осоговските Планини, на местото наречено Сарандопор во една пештера. На тоа место подоцна подигна црква еден друг подвижник, Теодор од Овче Поле, на кого Свети Јоаким му се јави во сон. Од моштите на преподобен Јоаким потоа низ вековите се случуваа многубројни чуда.
Неракотворната икона на Господ Исус Христос

Во она време кога Господ го проповедаше Евангелието и исцелуваше секаква болест и мака кај луѓето, во градот Едеса на брегот на реката Еуфрат живееше кнезот Авгар, сиот прокажан од лепра. Тој чу за Христос, исцелителот од сите болести и неволји, па испрати некој иконописец Ананија во Палестина со писмо за Христос, во кое Го молеше Господ да дојде во Едеса и да го исцели. Во случај Господ да не може да дојде, му нареди кнезот на Ананија да го иконописа Неговиот лик и да му го донесе, верувајќи дека тој лик ќе му го поврати здравјето. Господ одговори дека не може да дојде, зашто се приближуваше времето на Неговото страдање. Но Самиот зеде крпа, го избриша Своето лице од неа и врз крпата совршено се впиша Неговиот пречист лик. Таа крпа му ја предаде Господ на Ананија, со порака дека од неа кнезот ќе се исцели, но не сосема, заради што Он нему ќе му испрати подоцна пратеник којшто ќе го избрише и остатокот од неговтата болест. Кога ја прими крпата кнезот Авгар ја целива и лепрата падна од неговото тело, но му остана малку на лицето. Подоцна проповедајќи го Евангелието кај Авгар отиде апостолот Тадеј, тајно го исцели и го крсти. Тогаш кнезот ги искрши идолите што стоеја на градската порта и над портата ја стави онаа крпа со Хрисотвиот лик, откако претходно ја залепи на дрво и ја вглави во златна рамка накитена со бисери. Уште кнезот под иконата на портата го напиша и ова: „Христе Боже, никој којшто се надева на Тебе нема да се посрами.“ Подоцна еден од правнуците на Авгар го обнови идолопоклонството. И епископот на тој град дојде ноќе и ја заѕида иконата над портата. Оттогаш поминаа векови. Во времето на царот Јустинијан Едеса беше нападната од персискиот цар Хозрој и градот беше во голема неволја. Тогаш епископот Евлавиј имаше видение на Пресвета Богородица, Која му ја јави тајната за заѕиданата и заборавена икона. Ја пронајдоа иконата и со нејзината сила персиската војска беше победена.

Светиот маченик Диомид
Лекар од Тарс, од прочуен род. Лечејќи го народот, го поучуваше и на верата Христова. Царот Диоклецијан нареди и му ја отсекоа главата во Никеја, во 298 година. Оние што му ја отсекоа главата и му ја донесоа на царот ослепеа, а кога му ја вратија главата на телото и се помолија, оздравеа.

Светиот маченик Стаматиј
Селанец, родум од Волос во Тесалија. Кога некој нечовечен ага собираше од народот царски даноци и многу го угнетуваше народот, Стаматиј појде со неколкумина другари во Цариград за таму да се жалаат кај везирот. Но заради острите обвиненија кон агата Стаматиј се замери со големците на султанот и тие го уапсија. Најнапред сакаа да го потурчат со ласкање и ветувајќи му богатства, слава и чест. На тоа маченикот возвикна: „Моето богатство, слава и чест е мојот Христос!“ Тогаш Турците го мачеа и најпосле пред Света Софија го заклаа, во 1680 година. Така овој Христов војник стекна венец маченички.