Полска, земја која во последните две години забрзано ги зголемува своите резерви на злато, повлече околу 100 тони злато од трезорот на Централната банка на Велика Британија во Лондон.
Во тајната мисија на полската влада, златото чија што вредност се проценува на 4 милијарди фунти кое инаку било сокриено во Лондон во текот на Втората светска војна, вратено е во Варшава. Златото тогаш било „евакуирано“ поради стравување дека би можело да заврши во рацете на Нацистите.
Авиони, хеликоптери, камиони и специјалци учествувале во операцијата во која златото тешко околу 100 тони било пренесено од Лондон во Варшава.
„Од прилика половина од имотот на Варшава во Велика Британија беше пренесен назад во Народната банка на Полска“, изјави гувернерот Адам Глапински и додаде дека „златото ја симболизира силата на земјата“.
Инаку, целата операција се одвивала неколку месеци, имало вкупно 8 ноќни летови на кои се наоѓал вредниот товар.
Последниот бил извршен на 22-ри ноември откако камионите од непозната локација во Лондон го пренеле златото до неименуван аеродром. Товарот бил следен од хеликоптер и полициски единици.
Инаку, половина од полските резерви и натаму се наоѓаат во Англија, а од Народната банка на Полска најавија и можно продолжување на повлекувањето на златото.
„Полска би можела да оствари добивка од повеќе милијарди евра од продажбата на своето злато, но моментално нема такви планови“, изјави гувернерот Глапински.