Вардар влегува со перфектни три победи по првите три кола во новиот викенд од Лигата на шампионите, во кој актуелниот европски првак за ривал ќе го има Кил. Германскиот гигант сезонава го совлада Вардар во рамките од Супер-глоуб, но Тимур Дибиров е оптимист дека „црвено-црните“ ќе се реваншираат со добра игра и победа на саботниот меч во „скопскиот вулкан“ во СЦ „Јане Сандански“.
„За нас е незгодно кога играме со екипи од пониско ниво, кога може да ни се случи недостиг на мотивација или пак преголема самодоверба. Затоа сум среќен што сега дојде ред на дуел со силен ривал како Кил. Оптимист сум, баш сакам да видам како може Кил да го победи Вардар во Скопје. Без оглед на силата на ривалот, ние сме подготвени, едвај чекаме да излеземе на терен и да покажеме кој е кој во Лигата на шампионите. Ако сега не се правиме фраери по двете титули во последните три години, тогаш кога…“ – изјави Дибиров на денешната прес-конференција.
Токму Кил е еден од последните тимови што славеше во Скопје над Вардар, „зебрите“ триумфираа на реваншот од четвртфиналето во април 2018 година со 27-28, но „вардарци“ благодарение на победата во Германија се пласираа на фајналфор турнирот во Келн.