Веста за повлекувањето на Сергеј Самсоненко од ракометниот клуб Вардар, беше примена со жал и од ракометарите. Иако тоа се провлекуваше како шпекулација подолго време, деновиве доби и официјална потврда.
Еден од играчите со најдолг стаж во клубот е рускиот репрезентативец Тимур Дибиров.
„Се што знаевме за ова беа шпекулации. Јас сум навикнат да верувам само на проверени информации од официјалниот сајт на клубот. Ние бевме сигурни дека во Вардар се е нормално. Ова за нас беше брзо и неочекувано. Ние добивме повик во заедничката група. Таму, директорот на клубот Давор Стојановски ни ја кажа веста за завршувањето на проектот „Вардар“ на крајот од оваа сезона. Тоа не изненади нас. Но што можеме ние тука, професионалниот спорт бара сериозни финансиски вложувања. Животот продолжува понатаму, веројатно има објективни причини за да се случи ова, но не е моја работа да го истражувам тоа. Сергеј Самсоненко се уште не се сретна со нас, но верувам дека и тоа ќе се случи наскоро“, вели Дибиров за „Брз Центар“.
Левото крило вели дека ракометарите се професионалци и ќе ги исполнат сите обврски.
„Ние сме професионалци. Се согласивме да ги исполниме сите наши обврски, а се надеваме дека и клубот ќе го направи истото кон на. Ги чекаме двата дуели против ПИК Сегед и ќе направиме се за да обезбедиме пласман на Ф4, иако по вакви вести, тоа ќе влијае психолошки на нас. Сите играчи кажаа дека нема да си одат до крајот на сезоната. Глупаво би било ако стигнавме до тука, да не направиме ништо во најважниот меч на крајот на овој пат. Последниот меч ќе биде на 25 април пред најдобрата публика во светот. Сите билети се продадени и не смееме да си дозволиме да не го одиграме овој натпревар најдобро што знаеме“, продолжи Дибиров.
Тој не сака да зборува за идниот предизвик.
„Јас се уште сум играч на Вардар. Сакам да бидам коректен кон клубот, затоа што направи многу за мене. Не сакам да зборувам за други тимови, посебно пред два важни меча во Лигата на шампионите. Понудите ќе ги разгледувам подоцна. Мене и на моето семејство Вардар ни подари најубави и најсреќни години. Ќе си одам со солзи во очите. Но тоа е спортот. Знам дека во Вардар ќе оставам еден дел од мене“, вели Дибиров.
Извор: 24rakomet.mk