Долгото спиење во текот на ноќта заедно со попладневната дремка можат да го зголемат ризикот за појава на мозочен удар

ИЗВОРnovlist.mk
|

Истражувачи од Кина спровеле едно интересно истражување во рамки на кое испитувале 31.750 возрасни лица со просечна возраст од 61 година. Испитаниците имале задача да ги откријат своите навики на спиење.

Во текот на шестгодишната здравствена студија, експертите откриле 1.438 мозочни удари од кои 110 се случиле токму помеѓу испитаниците на истражувањето.По прегледот на статистичките податоци, добиени врз основа на анкетата, возрасните лица кои рекле дека спијат 9 или повеќе часови во текот на ноќта имале 23 отсто поголеми шанси да доживеат мозочен удар, за разлика од оние кои спиеле помалку од 8 часа.
Исто така, кај учесниците на студијата кои секој ден уживале во попладневна дремка повеќе од 90 минути, било востановено дека постои 25 отсто зголемен ризик подоцна во животот да доживеат мозочен удар, за разлика од луѓето кои дремеле помалку од половина час дневно.

Секако, ова не значи дека долгите периоди на спиење предизвикуваат мозочен удар. Ако некој редовно спие по 9 часа во текот на ноќта и сè уште има потреба за сон во текот на денот, тоа може да биде знак и за нешто друго што се случува во организмот. Сите ние понекогаш чувствуваме умор, но доколку секојдевно се соочувате со високо ниво на исцрпеност, време е да се обратите кај својот доктор.

Авторката на студијата од универзитетот на наука и технологија во Кина се обидела да објасни како влијае долгото спиење врз организмот.

“Потребни се повеќе истражувања за да објасниме како долгото спиење е поврзано со мозочен удар, но претходните студии покажуваат дека долгиот сон има влијание врз нивото на холестерол и го зголемува обемот на стомакот, а познато е дека тоа се ризични фактори за мозочен удар”, изјавила научничката Кисиомин Занг.