Од финското Министерство за одбрана пред неколку дена и официјално испратија барање за понуда за повеќенаменски борбени авиони.
Финските власти, во рамките на програмата “HX” сакаат навремено да обезбедат замени за своите 55 Boeing F/A-18C/D авиони, кои што планираат да ги „пензионираат“ во периодот од 2025-та до 2029-та година.
Финците имаат намера да купат дури 64 нови борбени авиони и за тоа планираат да издвојат 10 милијарди евра. За „финските милијарди“ ќе се борат пет гиганти во авионската индустрија кои ќе ги понудат своите адути – Dassault Rafale, Eurofighter Typhoon, Boeing F/A-18 Super Hornet, Lockheed Martin F-35 Lightning II и Saab Gripen E/F.
Секако, после ваквата богата понуда на Финците „истрчаа“ сите гиганти од областа на воената индустрија кои што можат да ги понудат најмодерните борбени авиони на светот, меѓутоа сите можат да се соочат со еден сериозен проблем.
Според финскиот генерал Кари Ренко, јасно е дека сите производители ќе имаат проблеми да одговорат на сите барања на Финците во рамките од 10-те милијарди евра. Иницијалниот фински план е да се потрошат од 7 до 10 милијарди долари за набавка на нови борбени авиони.
Понудите треба да бидат доставени до 31-ви јануари 2020-та година, а барањето за конечна понуда подоцна во текот на годината, после втората фаза од преговорите.
Финската влада ќе ја донесе конечната одлука во 2021-ва година. Проблемот опфаќа набавка на нови авиони, но и вооружување, сензори, обука и резервни делови.