Футуристички ѕвер со агресивен дизајн: Tesla го претстави Cybertruck

|

Илон Маск го претстави пикапот кој воодушевува со својот атрактивен дизајн и моќни перформанси, а цената на основниот модел е помала од очекуваната.

Неодамна Илон Маск го нарече пикапот на Tesla – најдобриот производ на компанијата досега, а утринава по македонско време го претстави моќниот Cybertruck.

Футуристичкиот ѕвер можеме да го опишеме како комбинација на Blade Runner и Mad Max, на прв поглед навистина ќе ве остави без зборови и јасно е дека инженерите и дизајнерите на Tesla вложиле голем труд за развојот на Cybertruck.

Посебен акцент е ставен на материјалот користен при развојот на каросеријата кој би требало да овозможи ултимативна издржливост на возилото. Со тоа, Cybertruck е практично непробоен со каросеријата од нерѓосувачки челик која покрај тоа што е отпорна на корозија, на патниците исто така им нуди максимална заштита.

Ќе бидат достапни три верзии на Cybertruck – најевтината верзија има еден електромотор и погон на задните тркала, а од 0 до 100 километри на час може да забрза за помалку од 6,5 секунди. Со едно полнење на батеријата оваа верзија ќе може да помине 400 километри.

Втората верзија има два електромотори и погон на сите четири тркала. Забрзувањето од 0 до 100 километри на час изнесува 4,5 секунди, а автономијата изнесува 480 километри.

Најинтересна секако е најскапата верзија која има три мотори и погон на сите четири тркала. Овој ѕвер располага перформанси со кои може да им парира и на најмоќните спортски автомобили. Од 0 до 100 километри на час забрзува за помалку од 2,9 секунди, а автономијата на возење изнесува фантастични 800 километри.

Цената на основниот модел изнесува 39,900 долари, моделот со два мотори чини 49,900, додека најскапата верзија на Cybertruck ќе чини 69,900 долари. Секако, тоа се почетните цени на трите верзии, а износот може да биде зголемен во зависност од дополнителната опрема.

За крај, Маск најави уште една работа – „баги“ возило на Tesla кое ќе може да се превозува во задниот дел од Cybertruck. Секако, станува збор за помало возило на струја чии батерии ќе можат да се наполнат преку посебен приклучок на Cybertruck.

Аналитичарот Тајсон Џомини за “The Verge” вели дека Cybertruck претставува голема прилика за Tesla затоа што станува збор за категорија на возила за која Американците се подготвени да издвојат голема сума на пари. Исто така, таа категорија на возила има и голема профитна маржа и Cybertruck би можел „финансиски“ значително да ѝ помогне на компанијата.

Сепак, ќе помине доста време додека првиот Cybertruck се појави во продажните салони. Почетокот на продажбата не треба да се очекува пред 2021-ва година, а дотогаш можат многу работи да се променат на динамичниот пазар на автомобили, посебно кај конкуренцијата која веќе ги најави своите електрични пикап возила.