Македонските ракометари се во полн погон, со засилено темпо се подготвуваат за настапот на Светското првенство, а пред нив се и двата пријателски меча со Србија.
Составот е подмладен, ќе фали искуството на некои ракометари кои беа важен дел од селекцијата, но оптимизмот за добар резултат останува.
Крилото на македонската репрезентација, Гоце Георгиевски е оптимист во пресрет на настапот на Светското првенство во Германија и Данска, тој верува дека заедно со неговите соиграчи можат да направат добар резултат.
„Можам да кажам дека веќе направивме една појасна слика за нашата слика во овие неколку дена што работиме, за да видиме како ќе изглдаме отприлика и во нападот и во одбраната. Имаме подмладен состав, има доста млади репрезентативци, кои мислам дека можат доста да помогнат. Утре и задутре на пријателските со Србија ќе видиме што сме тренирале овие денови да покажеме на терен и секако, подоцна и во Минхен“, вели Гоце Георгиевски.
„Се чувствува дека нема неколку поискусни ракометари, меѓутоа мислам дека најважно е тоа што остануваат жарот, мотивацијата и желбата да се игра за националниот дрес, тоа го покажуваат и играчите и мислам дека, додека го има ќе има и нешто во оваа репрезентација. Така што, јас сум оптимист, гледам позитивно секогаш, така е и сега. За нас сега е најважен натпреварот со Јапонија, добро е да стартуваме со победа, тоа многу ќе ни значи за да ги задржиме шансите за пласман во втората фаза“.
Инаку денеска во спортската арена „Филип Втори“ беа промовирани новите дресови на македонската ракометна репрезентација.
Промоцијата е одржана под мотото „Со нов дрес до нови победи“, а со овие дресови нашите херои ќе настапат на претстојното Свестко првенство, кое на програмата стартува од 10 јануари во Германија и Данска.
Македонија ќе игра во црвена, жолта и бела комбинација. Тоа се трите бои со кои ќе се оди по нови успеси. Соработката продолжува, а денеска ракометарите кои се дел од сениорската репрезентација се појавија на промоцијата така што можеше да се види одличната атмосфера.
На промоцијата присуствуваше и капитенот Кире Лазаров, кој изјави дека очекува голем настан кој е многу важен за нашата селекција.
– За разлика од претходните години одиме со подмладен состав, со многу млади играчи кои што многу ветуваат, кои што се големи таленти и очекуваме во блиска иднина дека сите тие таленти ќе го понесат товарот и ќе продолжат по нашите стапки. На ова првенство ќе се обидеме да го дадеме својот максимум, а ќе видиме за што тој ќе биде доволен. Сакаме да ја усреќиме пак оваа нација“, истакна капитенот Лазаров.
Тој смета дека е неблагодарно да се прогнозира до каде може да стигнат на Мундијалот, но гарантираше дека ќе играат најдобро што можат.
– Мораме да останеме скромни, да работиме напорно без оглед на противникот и да одиме од натпревар во натпревар, почнувајќи од првиот дуел со Јапонците, додаде капитенот.
Македонската репрезентација на Светското ќе игра во група со Шпанија, Хрватска, Исланд, Јапонија и Бахреин, а првиот натпревар е на 11 јануари против селекцијата на Јапонија.