Денес се навршуваат шест години од фаталната скијачка незгода која во Франција ја доживеа германскиот возач на Формула 1 и светски шампион, Михаел Шумахер, после која возачкиот ас заврши во кома.
Оттогаш, Михаел Шумахер не се појави во јавноста, а семејството неговата тешка здравствена состојба ја држи во најстрога тајност, повремено пуштајќи ретки и генерички апели и пораки во јавноста, објаснувајќи го тоа со желба за приватност.
Но, сега, сопругата на Шумахер, Корина, на големо и пријатно изненадување на сите се огласи во јавноста со порака на една од социјалните мрежи, во групите кои, со хаштагот #KeepFightingMichae, се сè побројни.
„Големите работи почнуваат со мали чекори. Мали парчиња кои можат да состават голем мозаик“, напишала Корина.
Инаку, „KeepFighting“ е и името на семејната организација на Шумахер која помага на медицинските истражувања кои се поврзани со мозокот.
Исто така челникот на клубот на Михаел Шумахер, Рајнер Ферлинг изјавил дека наскоро се надева дека ќе го видиме Михаел во јавноста.
„Сите знаеме дека е во добри раце. Може само да биде среќен што има толку силно семејство. Ние како фан клуб ќе направиме многу работи за да помогнеме колку што можеме“, истакнал тој.