Младиот Виктор Гисли Халгримсон беше вистинско освежување меѓу стативите на Исланд и беше еден од јунаците на „рибарите“ на натпреварот во Скопје кој заврши без победник (24-24).
Кога беше најпотребно тој бранеше одлично, заврши со вкупно десет интервенции, а по натпреварот истакна дека неговиот национален тим е задоволен со ремито, затоа што на натпреварот тие можеле да доживеат и пораз. Истовремено, Халгримсон ја пофали и публиката, за која истакна дека била фантастична.
„Игравме добро, но и Македонија играше добро. Ние направивме разлика, но Македонија потоа се врати со лесни голови и фати приклучок. Дуелот се реши пак во неизвесна завршница. Сакавме да победиме затоа што загубивме дома, но како и да е, ремито задоволува, затоа што подобро е да ремизираш отколку да загубиш. Игравме во одлична атмосфера, публиката беше фантастична, ушите се уште ми зујат од гласната публика! Очекував да имам добро издание, кога се игра за репрезентацијата секогаш се дава максимумот и се влегува со големи очекувања“, изјави Халгримсон.
Извор: гол.мк