Пандев на социјалните мрежи денеска се пофали дека и официјално станал Италијанец, откако ги заврши сите процедури за добивање на државјанството на оваа земја.
Пандев од 2001 година е во Италија, кога замина како младинец од струмичка Беласица во младинскиот погон на Интер, а потоа преку Специја и Анкона, стана дел од Лацио, па во 2010 година беше дел од Интер, потоа играше за Наполи, а веќе четврта година е дел од Џенова.
Струмичанецот веќе неколкупати најави дека има желба да ја заврши кариерата во Џенова и дека сака да остане да живее во Италија, па сега со државјанството тој практично си ја осигура иднината на Апенините, каде остави длабок траг, особено со настапот во Интер пред девет години кога освои сѐ што можеше да се освои во една сезона – Скудето, куп, Лига на шампиони, светско клупско првенство.
Пандев е еден од ретките македонски спортисти кои имаат државјанство од Италија, а прв фудбалер, откако пред него две кошаркарски легенди стигнаа до такво нешто, Петар Наумоски и Врбица Стефанов.