Наместо зад воланот, пред вратите на својот работодавач. Возачите на градските автобуси ја имаат една од клучните улоги за функционирањето на градот, а сега најавуваат радикализација и непослушност. Со едно кратко соопштение закачено на влезот на ЈСП, се покренаа бројни прашања, а главното е – дали со тоа на Скопје му се заканува хаос во јавниот превоз. Возачите оценуваат дека кризата им изеде сѐ што имаат, па ако мора и штрајкот е опција – и за возачите од ЈСП, но и за приватните превозници.
Граѓаните се жалат дека и онака се навикнати на несреден јавен превоз и неизвесност додека стојат на автобуските постојки. Дури и во ситуација кога нема штрајк, нормализирано е да не се почитува никаков распоред на автобусите.
Раководството на ЈСП, синдикалците ги оцени како политички мотивирани. Оттаму тврдат дека одлука за зголемување на платите веќе постои. Дополнително, уверуваат дека во овие кризни времиња не размислуваат на поскапување на услугите особено што во програмата на градоначалничката Арсовска е воведување на бесплатен јавен превоз.
ВАКВИОТ ВИД ПОЛИТИЧКИ МОТИВИРАНИ ДЕЈСТВИЈА СЕ НЕПРИФАТЛИВИ И ШТЕТНИ ЗА ЦЕЛОКУПНОТО РАБОТЕЊЕ НА ПРЕТПРИЈАТИЕТО И НА ШТЕТА НА ГРАЃАНИТЕ. ЈАВНОСТА И ВРАБОТЕНИТЕ ТРЕБА ДА БИДАТ ИНФОРМИРАНИ ДЕКА УПРАВНИОТ ОДБОР НА ЈСП – СКОПЈЕ НА 19.04.2022 ГИ ПРИФАТИ БАРАЊАТА НА НЕЗАВИСНИОТ СИНДИКАТ, СО ОДЛУКА ЗА ЛИНЕАРНО ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ПЛАТИТЕ ВО ИЗНОС ОД 2800 ДЕНАРИ, СООПШТУВААТ ОД ЈСП.
Во меѓувреме, неизвесно останува и како ќе функционира такси-превозот во главниот град. Цените на горивата уриваат рекорди, а тоа директно ги погоди и такси-возачите кои мораат да се прилагодат на целата ситуација или да се откажат ако имаат големи загуби. Од Град Скопје информираат дека до Советот е пристигнато барање од едно здружение на таксисти, за промена на тарифите. Одлуката за воведување на нова тарифа ќе ја носат советниците, но како што велат од градската администрација – само со широки консултации и со сериозна оправданост за такво нешто.
Петар Догов