Хрватското крајбрежје летово беше дестинација на многу македонски граѓани, но не како туристичка, туку како дестинација каде работат. Мотивите и целите им се различни, но главно се задоволни од она што им е понудено, а задоволство од нивниот ангажман изразуваат и хрватските работодавци.
Кирил и Наташа се двајца меѓу многуте што ја поминуваат оваа туристичка сезона во Хрватска. Работат во ист хотел „Ла Луна“на хрватскиот остров Паг, заедно со уште неколку македонски граѓани, како и со повеќе вработени од поранешните ју републики.
-Мотивот да барам работа надвор од мојата земја беше првенствено финансиски. Идејата беше за неколку месеци да заработам некоја сума што би ја заработила дома за една година, притоа да си ги подмирам целогодишните трошоци на факултет, вели Наташа Трајковска од Скопје.
Наведува дека Хрватска ја одбрала како дестинација од причина што ова и е прво работно искуство во странство, а Хрватска и била доста позната бидејќи е често таму.
-Работата ја најдов со препорака преку приватни контакти од Хрватска, не сум запозната и не сум била во контакт со агенции кои посредуваат за работа во странство. Платата ми е солидна, задоволна сум со неа и е според хрватските стандарди, истакнува Трајковска.
Додава дека нашла работа во хотелот „Ла Луна“, кој се наоѓа на островот Паг, а местото се вика Јакишница (Лун). – Работам во Велнес центарот на рецепција и сум презадоволна. Планирам да останам до крајот на сезоната, а од 1 октомври почнувам со факултетот, вели таа.
Работата ја нашла со препорака преку приватни контакти од Хрватска. Вели дека не е запозната и не била во контакт со агенции што посредуваат за работа во странство.
Лошите економски услови во земјава, можностите кои ги нуди работењето во странство, како и стекнувањето нови познанства, знаења и работно искуство биле причина и за Кирил да побара работа во странство, одбирајќи ја летово Хрватска, а најавува дека и следанта година би се вратил.
-Работам сезонски. Рабоата ми е добра, немам никакви приговори, т.е. ќе се вратам најверојатно и следната сезона тука, вели Кирил.
Открива дека работата ја нашол случајно и решил да ја прифат понудата.
-Случајно, сурфав на интернет, т.е. ми се појави оглас за работа во странство, и едноставно размислив и „ја зграпчив приликата”, вели Кирил.
И двајцата велат дека на островот е исклучително добро и има преубава природа, пејзажи, најстарата плантажа со маслинки, а исто така на само неколку километри од нив е и плажата Зрќе позната по своите музички фестивали.
Работат во друштво на вработени од Хрватска, БиХ и Србија, а проценките се дека само во Новајлија, град близу овој хотел, летово работеле над 100 Македонци.
– Вработуваме луѓе без разлика од каде се. Имаме доста од Северна Македонија, а според моите сознанија ги има во Новајлија само 100 лица. Вредни се и коректни, а оние кои не се си заминуваат, вели Мате Дедич, менаџер во хотелот „Ла Луна“.