ИСТОРИСКА ПОБЕДА: Одбојкарите преку Белорусија до деби триумф на ЕП!

|

Одбојкарската репрезентација на Македонија ја забележа првата победа во историјата на Европските првенства (ЕП) и во четвриот дуел против Белорусија, по тешка и мачна борба славеше со 1-3 во сетови (25-23, 19-25, 27-29, 20-25).

По загубениот прв сет многумина ги „отпишаа“ нашите одбојкари, меѓутоа тие заиграа како што треба кога најмногу беше потребно. Лидер во тимот беше Никола Ѓорѓиев, кој решаваше во клучните моменти и уште еднаш покажа како треба да се гине за дресот со националниот грб. За Македонија ова е прва победа на ЕП, по поразите од Финска, Турција и Русија, а во последната рунда се соочуваме со домаќинот Словенија.

Првиот сет меѓу двете репрезентации беше крајно неизвесен и се водеше голема борба. Македонија беше во подредена позиција и цело време бркаше негатива од два поени, но не успеа ниту еднаш да ја престигне. Доаѓавме до реми, во финишот се влезе со 22-21, па беше и 23-22, но Удриз при 24-23 ја искористи првата меч-топка, за предност за Белорусија.

За разлика од првиот, во вториот Македонија беше репрезентацијата што беше поактивна. Се презема контрола на играта уште од стартот, а фантастичната игра почна од 8-11, кога Манџуков почна да функционира во блокот, а Ѓорѓиев да поентира, за огромна предност од 12-20 и сигурен сет за изедначување.

На стартот на третиот сет гледавме поактивна Белорусија која водеше. Македонија бркаше резултат, а кам-бекот дојде кога од 17-13, нашиот национален тим направи серија од 1-6 и го сврте дуелот (18-19). Белорусија потоа поведе со 20-19, потоа беше 23-23, а откако двапати Ѓорѓиев спаси сет-топка, Македонија поведе со 26-27, но и Белорусија се спаси (27-27). Потоа, следеа два феноменални поени на Никола Ѓорѓиев, за 27-29 и 1-2 во сетови.

Четвртиот сет на стартот донесе и прв ас за Македонија (2-4), а позитивата се одржуваше и понатаму, затоа што предноста по првите поени на мечот, беше високи 5-9 за нашиот национален тим. Во наредниот период Белорусија се доближи на 10-12 поради наши грешки, но потоа сервисот се поправи и со ас на Љафтов се дојде пак на „плус четири“ (11-15). а откако се дојде на плус шест (14-21), беше сигурно дека ќе се запише и првата победа на ЕП. Сет-топката ја реализиравме од прва, кога заби Владо Милев.

Феноменална партија имаше Никола Ѓорѓиев со 37 поени, Љафтов имаше 15 поени, додека кај Белорусија, прво име беше Раздивон Мишкевич со 12 поени.

Следниот меч за нашиот национален тим е денес попладне, од 17:30 часот против домаќинот Словенија кој воедно е последен и од првата групна фаза на европскиот собир за Македонија.