Не раѓајте деца за приплод. Не создавајте живот кога не сте свесни за тежината на неговата иднина. Не, нема да го задржиш ако му родиш дете, не, нема да биде твоја ако ја затрудниш и да, плодот на тој ваш моментален заеб ќе остане со трајни последици. Не, решението не е во детето, не, детето нема да ве спаси, ниту вас самите ниту вас двајцата заедно.
Изминатава недела имав прилика да бидам гостин во одделение каде требаше да изработиме новогодишни украси за предстојните празници. Јас отидов како дада Ивана, на едно мое чудо што го сакам повеќе од воздухов што го дишам. Идејата беше супер, иницијативата уште подобра, наставничката сака да ги вклучи родителите во создавање на тие подароци, детето работи заедно со родителот. Јас не сум родител, но како креативец и во име на конекцијата која ја имам со моево љубовно чудо, излегов од работа и отидов. Како права Бугарка, натоварив пет кеси со дешавања, мајка ми дури предходната вечер шиеше специјални вреќички од јута, за да можеме да ги сликаме или декорираме следниот ден заедно со моето душиче.
На мое огромно негативно изненадување, јас бев едиснтвена која се појави заедно со уште две мајки на одделение од 20 дечиња. Во дел од секунда станав дада Ивана на тие 20 дечиња, гладни и жедни за да направат нешто креативно, опипливо со раце, кое ќе го помислат заедно со возрасните, ќе поминат време заедно и нема да бидат решени со предаден телефон во рака.
Јас знам каде сме и во какво време живееме, јас знам колку е тешко да се заработува сам, тоа го правам последниве десет години. Не, не знам како е да си мајка 24/7, но имам мајка со истиот тајминг на посветеност кон нејзиното дете, кое е далеку од дете, моментално е едно 34 годишно створење на кое и те како не му е потребна мајка му, но сака да ја има покрај себе. Акцентирам Сака.
А што сакате вие, кои децата си ги решавате по брза постапка и процедура, без трунка внимание? Не, детето не е напишана домашна, Да, детето сака да биде константно гушкано и да му се повторува безброј милијарда катаљарда пати колку е најсакано, колку е тоа плод на нечија љубов и колку е важен дел од нечиј живот. И да, тоа дете бара работа и жртва, која подразбира да излезеш од работа за да му помогнеш да ги направи проклетите украси, и Да, тоа дете сака постојано внимание, а до тебе е како ќе го насочиш истото. Бидејќи тоа дете во тебе гледа идол, супер херој, идеал и ти за него си се тоа што детето сака да биде кога ќе порасне. И знај дека ќе биде ти. Ако за тебе не доаѓале родителите во училиште, немој и ти за твоето дете. Јас знам дека не можат сите да излезат од работа, но исто така знам и кои можат, а не го прават тоа. Јас знам дека не можат сите да си дозволат се, знам каде сме, знам колку е се проклето тешко. Но немојте луѓе да создавате животи само за да пополните квота на семејство, не е ова семка, па да фаќа приплод, ова е нашата иднина, ова е твојата копија во светов, твојот клон, твојата причина за да бидеш подобар човек, твојата безусловна Љубов, која секојдневно ќе те учи што е вистинска вредност.
Свеста за креација на нешто уникатно вредно ја имаат малку. Тоа уникатно вредно е бесценето кога го вдишува првиот здив на светов. И секој следен здив е вреден за миг повеќе, секој следен негов здив, секое трепкање на тие жедни очиња, треба да те потсети колку ти вредиш.
Во мои очи, ако не одиш да правиш украси со твоето дете за Нова Година, или ако воопшто не го подготвиш детенцето за тоа, вредиш една голема Нула. Џабе ти е заработката, џабе ти е кариерата, џабе ти е секоја можна титула, ако дома имаш две гладни очи за љубов. Ти си неговото се, и додека не го запаметите тоа, ќе не боли сите заедно на куп.
Не треба да родиш за да бидеш родител, исто како што не треба да си во крвно сродство за да бидеш семејство. Треба да умееш да Љубиш вистински, со полно срце заробени пеперутки кои никогаш не згаснуваат, само преминуваат од една форма на убавина во друга. Имате среќа во животов, имате деца, не си ја гасете среќата, некој на светов не е толку среќен како вас.
Јас сум Ивана Кнез, при крај сме. Јас сум тука заради второто вас, за да ги подсетам дека не е тешко да си присутен, само и единствено ако вистински сакаш. И те како знам да згрешам и да испаднам капитален копук, но знам и да надокнадам за грешките, знам да признаам дека сум човек. Фаќајте ножиците и спремајте снегулки од хартија со децата, има туторијали на јутуб за оние кои не се толку спретни. Вие сте вистинскиот Дедо Мраз, никогаш не го заборавајте тоа.
Се читаме уште само следната недела.
Намасте.
П.С. Јас се сеќавам на лепакот со светки што ми го донесе мајка ми, направете го овој Божиќ магичен, покажете им на вашите деца што значи вистинско семејство и време поминато во една целина.