Иван Карачиќ, по неколку години поминати во европскиот шампион Вардар, се пресели во полски Кјелце на крајот на сезоната, а според неговата изјава за еден руски портал, Хрватот неодамна се вратил повторно во Македонија, кадешто најверојатно имал преговори за платите, кои не му биле исплатени.
Карачиќ кажал дека, доколку немало финансиски проблеми во Вардар, можеби ќе останел во таборот на „црвено-црните“.
„Не сум сигурен дека ќе заминев доколку немаше финансиски проблеми. Во моето срце се Македонија, Вардар и Скопје. Жал ми е што заминувам, но можеби ќе се вратам еден ден. Во врска со финансисиите, навистина имавме проблем во Вардар затоа што немавме земено речиси две години плата, односно 21 месец. Тие ни кажаа дека може да заминеме, но ние останавме и го освоивме трофејот во Лигата на шампиони“, вели Карачиќ.
Засега не им била исплатена ниту пара, но добиле ветувања од раководството на Вардар дека ќе ги добијат сите пари на први септември.
„Добивме ветување дека ќе бидеме исплатени до први септември, а јас му верувам на господинот Сергеј Самсоненго“, открива Хрватот.