Ако мешовитата комисија не постигне согласност за отворените историски прашања, Бугарија ќе ја блокира првата меѓувладина конференција на Македонија со ЕУ, изјави бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов.
Во изјава за ТВ 24 тој вели дека македонската страна веќе три години откако е потпишан Договорот за добрососедство, избегнува решавање на прашањата и очекува ЕУ да застане на нејзина страна.
Според него, македонската страна ги избегнува состаноците на историчарите за да не се соочи со решавање на прашањето за Гоце Делчев и со тоа покажува дека нема желба да води искрен дијалог преку кој би се решиле овие прашања.
– Пред десет месеци ја стопиравте работата на Комисијата за разгледување на историските проблеми. Ние сме кажале дека ако не се постигне согласност по тие прашања Бугарија ќе возврати на првата меѓувладина конференција, додека тие прашањата не бидат решени. За позицијата на Бугарија се запознаени властите во Скопјe – изјави бугарскиот министер.
На прашањето, дали тоа значи дека Бугарија ќе ја блокира првата меѓувладина конференција, Каракачанов директно одговари: „Да, се разбира“.
Сепак во интервјуто, Каракачанов не прецизираше дали Бугарија ќе продолжи да го проблематизира македонскиот јазик пред усвојувањето на преговарачката рамка.
Каракачанов појасни дека никој од ЕУ не може да притисне и да и каже на Бугарија да ја промени позицијата и не може само едната страна да прави компромиси, а другата да прави што сака.
– Штом имаме договори тие треба да се почитуваат. Вие се согласивте да го смените знамето, да гo смените името. А со онаа земја која секогаш ѝ помагала на Македонија сметате дека може да постапите некоректно. Во меѓународните односи мора да има реципроцитет. Кога Бугарија се однесува џентлменски, се однесува коректно, кога и помага на Македонија, кога беше првата држава што ја призна Македонија, логично е да има реципрочно добро однесување и од другата страна – вели тој.
Дипломатите на земјите членки на ЕУ вчера се состанаа, за да разговараат за нацрт-преговарачката рамка за Македонија. Продолжението на дискусијата на техничко ниво во ЕУ треба да продолжи в петок.
Македонскиот државен врв во повеќе наврати јавно го изнесуваше ставот дека не очекува Бугарија да го блокира стартот на преговорите со ЕУ.