Македонскиот репрезентативец Елиф Елмас денеска ќе дебитира во Лигата на шампионите во дресот на Наполи и тоа во дерби дуелот со Ливерпул.
Натпреварот се игра на Сан Паоло, а „црвените“ со овој меч ја почнуваат одбраната на титулата во елитното натпреварување. Пред стартот на натпреварите, Марка направи листа од десет млади, но се уште анонимни фудбалери кои треба да блеснат во Лигата на шампионите, а меѓу нив е и Елмас.
„Македонецот дојде во Наполи ова лето од Фенербахче за 16 милиони евра. Може да игра на средината од теренот или на крилните позиции, има одлична прегледност, а не се плаши ни да влезе во дуел. Минатата сезона постигна четири гола во турското првенство“, пишува Марка.
На оваа листа се уште Дани Олмо од Динамо, Јанис Хаџи од Генк, Доминик Собослаи и Ерлинг Браут Халанд од Салцбург, Ибрахима Конате од Лајпциг, Лисандро Мартинес од Ајакс, Маркос Антонио од Шахтјор, Оливер Скип од Тотенхем и соиграчот на Елмас, Алекс Мерет.