Привременотo запирање на домашното производство на струја од хидроцентралите, ќе предизвика недостиг од електрична енергија во текот на грејната сезона, па за да се задоволат потребите, струја ќе се обезбедува со увоз, реши Владата.
„Владата го задолжи АД ЕСМ за своите потреби да набави електрична енергија преку ЕЛЕМ трејд, до нормализирање на природните услови, кои ќе овозможат оптимално производство на капацитетите кои директно или посредно користат вода во производниот процес“, соопштија од МЖСПП.
Информациите кои пристигаат од таму се дека во наредниот период, АД ЕСМ преку својата фирма „ЕЛЕМ трејд“ ќе го развива купувањето и продавањето електрична енергија, во зависност од берзанската цена на струјата и цената на универзалниот снабдувач „ЕВН хоум“, како што велат, за да се оствари поголем профит за компанијата и државата.
Според планот за работа на АД ЕСМ за годинава, на почетокот на грејната сезона беше предвидено да се вклучи термоцентралата РЕК Осломеј, но таа не може да биде ставена во производство поради недостиг на вода во системот Студенчица, која се користи во разладната кула. РЕК Битола работи само со два блока, додека на Блок 3 се изведува капитален ремонт, така што и тој не може да биде ставен во функција.
Инаку според официјалните податоци домашното производство на електрична енергија учествува со повеќе од 94 отсто во бруто-домашната потрошувачка на електрична енергија во летните месеци, но во зимските месеци не повеќе од 60 отсто, а остатокот се увезува.