Клоп го издвои најдобриот момент од дербито: Никогаш немам видено ваква акција

|

Јирген Клоп не штедеше комплименти за играта на Манчестер Сити и призна дека составот на Пеп Гвардиола го принуди неговиот тим да се брани во самата завршница од големото дерби, но исто така, беше и презадоволен од пожртвуваноста која ја покажаа неговите избраници во тие моменти, бранејќи го водството кое доста лесно го стекнаа.

Ливерпул победи со 3:1 и направи голем исчекор пред Сити на првенствената табела и во самата борба за титулата, а додека Клоп на секој начин се обиде да ги избегне прашањата за конечниот исход на табелата, даде нависитна интересен коментар кога беше побарано од него да го издвои најдобриот момент од натпрварот на „Енфилд“.

Германскиот стручњак истакна дека останал посебно импресиониран од погодокот за 2:0, односно од акцијата која ја изрежираа Александер Арнолд и Робертсон пред Салах да се „поклони“ за втор гол на домаќините.

– Вториот гол кој го постигнавме, мислам дека немам видено таков гол. Најверојатно немам видено таква акција. Нашиот десен бек со својата лева нога го проигра левиот бек со пас од 50-тина метри, овој имаше неколку допири и потоа центаршут од 30 метри кој заврши со удар со глава и гол. Тоа беше специјално, – изјави Клоп на пресот.