ФОТО: Вардарова колекција
Влатко Андоновски – Шате од вчера и официјално е нов селектор на женската репрезентација на САД, предводник на светскиот првак, на најдобрата селекција на планетава. Македонецот е пред голем предизвик, од него се очекуваат успеси и пехари како селектор на најдобрите фудбалерки во светот.
Па добро, кој е Шате!? Кој е тој што успеа да стигне до фудбалските височини?
Влатко, попознат како Шате, роден е на 14 септември 1976 во Скопје. Првите фудбалски чекори ги прави, а каде ако не во Вардар. Ја минува цела школа во нашиот најголем и најтрофеен клуб, во генерацијата која под водство на Петар Шулинчевски во младинските категории убедливо во таа 1995 година ги освои првенството и Купот на Македонија.
Фудбалскиот пат го однесе во Работнички, за да потоа се пресели во Македонија ЃП, во една од најдобрите генерации во овој клуб, каде беше незаменлив на стоперската позиција. Играше во Купот на УЕФА и во Интер – Тото купот, беше во тимот и на двомечот со Бастија.
Многу рано го „загубивме“ како квалитетен прволигашки фудбалер. Замина во САД каде играше неколку сезони, во повеќе конкуренции. Продолжи како тренер, и тоа со големи успеси. Се „префрли“ во женскиот фудбал, беше прогласен и за најдобар тренер во САД. И кога е така, кога си најдобар тогаш јасно е дека си кандидат за селектор на женската репрезентација на САД. За да вчера и официјално седна на селекторската фотеља…
Нема што, Шате допрва ќе ја пишува својата фудбалска историја. И поради својот квалитет како тренер, но и поради амбициите, мотивите да работи на највисоко ниво, секогаш „гладен“ за успеси. Ете такви успеваат.
А Шате успеа, скопското дете успеа. Кој ли само можеше да претпостави точно пред 24 години кога се радуваше на пехарите во младинската екипа на Вардар дека еден ден ќе биде селектор на САД.
На крај да кажеме дека Влатко на првата фотографија од таа 1995 година е втор од лево во горниот ред.