Белите и кафените јајца дефинитивно изгледаат различно, а исто така можете и да забележите разлика во цената, но дали тие се разликуваат и по својата содржина?
Кога станува збор за нивната боја, разликата се крие во видот на кокошка. Најчесто, оние што се со бели пердуви и бели ушни школки несат бели јајца, додека пак, оние со црвено-кафени пердуви и црвени ушни школки несат кафени јајца.
Бојата на јајцето не е индикатор за неговиот квалитет. Кога станува збор за вкус и хранливост, не постои разлика помеѓу белите и кафените. И покрај тоа што кафените јајца често се поскапи, тие не се подобри за вас во однос на белите.
Доколку некогаш сте забележале дека одредени јајца потешко се кршат од останатите, тоа е поради годините на кокошката, а не поради бојата на самото јајце. Помладите кокошки имаат тенденција да несат јајца со поцврста надворешност, додека пак, постарите со помека. Ова важи и за белите и за кафените јајца.
Разликата во цената е делумно поради маркетиншки трик, делумно поради фактот што кокошките со црвено-кафени пердуви и црвени ушни школки се поголеми од оние со бели пердуви и ушни школки, поради што јадат повеќе – фармерите мора некако да надополнат за зголемената консумација на храна, па ја зголемуваат нивната цена.