Колку всушност заштедува возењето на плин ?

ИЗВОРСкопје24
|

Возењето на течен нафтен гас (ТНГ) најмногу се поистоветува со желбата да се заштеди некој денар плус во споредба со употребата на бензин бидејќи е речиси двојно поевтин. Но, автогасот има и друга предност, тоа е многу почисто и поеколошко гориво, што е особено важно во градските средини, каде има голема концентрација на возила и отежнат проток на сообраќајот, со што дополнително се загадува воздухот.

Главната инвестиција за замена на погонското гориво на автомобилот е купувањето и инсталирањето на гасен уред. Просечната цена на еден гасен уред кој ги задоволува сите стандарди и регулативи е околу 500 еврa.

– Многу е важно тој да се монтира и да се постави правилно и за тоа е потребно да се ангажира соодветно обучен мајстор. Моќноста на автомобилот, исто така, опаѓа при работа на гас, но при правилна монтажа и поставување, овој пад е занемарлив- велат во еден домашен сервис за вградување уреди за автогас.

А, колку ќе се заштеди најмногу зависи од бројот на минати километри. Влијае и цената на вградување на системот, кој е поевтин ако се работи за постари модели на возила каде што има карбураторски систем, и оној поскапиот кога се работи за возилата со директно вшприцување. Потрошувачката кај поновите модели е помала и најчесто е иста со потрошувачката на бензин, додека кај постарите модели потрошувачката на автоплин е за 20-30 отсто поголема. Од друга страна цената на литар гас е половина пониска од таа на бензинот, односно сега се движи околу 35 денари.

Колку се заштедува и за колку време се исплаќа вградувањето на автомобилски гасен уред кој ги задоволува сите прописи станува појасно ако се направи една едноставна математика. Значи, ако еден автомобил троши во просек 10 литри бензин на поминати 100 километри, на гас потрошувачката се зголемува до 11,5 до 12 литри на 100 километри. Ако се земат во предвид цените на бензинот и на гасот, излегува дека ќе плаќате половина помалку ако имате автомобилски гасен уред. Ако во просек годишно поминете 15.000 километри и се претпостави дека цената на бензинот е околу 60 денари за литар, излегува дека за една година ќе исплати и најскапиот уред за автогас. Односно за бензин ќе потрошите 90.000 денари или 1.500 евра, а за ТНГ 54.000 денари или 880 евра. Разликата, или заштедата е околу 600 евра, или колку цената на гасниот уред.