Комплетен водич како да се преселите и да најдете работа во Германија

ИЗВОРСкопје24
|

Доколку донесовте одлука да се преселите и да најдете работа во Германија, тимот на Скопје24 креираше комплетен водич за да ви помогне во вашата намера. Без лажни огласи со информации за плати со астрономски суми, овој водич ќе ви помогне доколку сте сериозни за вашето мигрирање во Германија.

Без разлика дали сеуште сте во Македонија или сте веќе во Германија, најдобриот начин да ја започнете вашата потрага по работно место е на Интернет. Огласи за вработување во Германија можете да разгледате на следниве веб страни:

Федералната агенција за вработување: Федералната агенција за вработување (Bundesamt für Arbeit, или скратено BA) е клучниот посредник помеѓу луѓето и фирмите во врска со сите прашања кои ги засегаат темите вработување и тренинзи за вработување. Главна задача на Федералната агенција за вработување е да им помогне на луѓето да најдат работа. Па така, најголемиот веб портал полн со огласи за вработување ѝ припаѓа токму на оваа агенција. На вебсајтот на Федералната агенција за вработување, можете да пребарувате по категории. Пребарувачот е достапен на германски, англиски и француски, но во моментов најмногу од огласите се напишани само на германски јазик.

Имате прашања во врска со потрагата по работа или работењето во Германија? Експертите од Центарот за миграциска поддршка (VWC) при Федералната агенција за вработување се тука да ви пружат помош на германски или на англиски: остварете разговор во живо ТУКА или обратете се на следната меил адреса make-it-in-germany(at)arbeitsagentur.de.

Make it in Germany” огласи за работа: Тука, можете да направите таргетирани пребарувања и да дознаете во кои професии моментално има потреба од квалификуван кадар.

Телефонска линија за вработување и мигрирање во Германија”: Германската влада има оставено и телефонска линија каде можете да се обратите за совет на германски или на англиски јазик. Телефонскиот број е +49 30 1815 – 1111.

EURES: Федералната агенција за вработување е членка на мрежата EURES 8network, мрежата на сите европски агенции за вработување. Целта на EURES е да овозможи мобилност на работна сила низ земјите од Европа преку давање совети и други услуги од областа на вработувањето. Исто така, на страната на EURES можете да најдете интересни повици, како и програми за финансирање. На веб страната на EURES исто така можете да најдете огласи за вработување во Германија, како и огласи за вработување од други 31 европски земји, информации за вработување и живот во секоја од земји, како и контакти од советниците на EURES во секоја од овие држави. Веб страната на EURES е достапна на 26 јазици.
Дополнително, секоја година EURES организира Европски денови на вработувањето во голем број од европските држави, на кои исто така се презентираат можности за Германија. Информации за термините за овие настани, можете да најдете преку контактирање со некој од нивните советници, или преку консултирање на нивната веб страна или Фејсбук страна.

Веб портали за вработување: Многу германски компании објавуваат огласи за вработување на Интернет. Погледнете ги најголемите портали (пребарајте по германскиот клучен збор: Jobportal), како и по социјалните мрежи. Исто така, можете и да пребарувате компании во Германија кои одговараат на вашиот профил на вработен. Најчесто, овие компании објавуваат огласи за вработување на сопствените веб страни. Категоријата во која обично ги објавуваат повиците за вработување е наречена “Stellenangebote”, “Karriere” или “Vakanzen”.

Доколку веќе се наоѓате во Германија, постојат и други начини на кои можете да барате работа, покрај Интернетот:

Весници: Многу германски весници објавуваат огласи за вработување во нивните викенд изданија. Купете си ги, можеби ќе најдете нешто што ви одговара.
Локални агенции за вработување: Можеби е добро и да ја посетите локалната агенција за вработување. Федералната агенција за вработување има свои канцеларии во речиси сите градови во Германија. Нивната мисија е да им помогнат на луѓето да најдат работа, а нивните услуги се секогаш бесплатни.
Огласете се самите: Преземете акција и самите објавете оглас за вас на Интернет или во весник. Исто така, можете да го објавите вашето CV кое ќе ги вклучува вашите квалификации и професионално искуство на веб страната на Федералната агенција за вработување, како и на бизниз мрежите по Интернетот кои се бесплатни (Linkedin е една од нив). Потрудете се да ги напишете само најважните информации, кратко и јасно: каква работа барате, вашите активности, квалификации и кариерно напредување. Доколку има заинтересирани компании, тие ќе одговорат на вашиот оглас и ќе ве контактираат. Сепак, мора да напоменеме дека аплицирањето на веќе активни огласи за работа во некоја компанија е поефективно.
Саеми за вработување: Можете да остварите и директен контакт со потенцијалните работодавци на организирани саеми и конгреси. Позитивната страна на ваков начин на стапување во контакт е можноста да оставите добар прв впечаток со директна комуникација. Ве советуваме да се подготвите добро за компаниите кои ќе бидат учесници на саемот претходно. На овој начин, ќе можете да се обратите само на оние компании кај кои се квалификувате. Не заборавајте да понесете неколку CV-ја со вас, за да ги оставите. Исто така, задолжително побарајте визит картичка или барем запишете го името на лицето со кое ќе остварите контакт. Ова ќе ви овозможи да го спомнете разговорот, доколку случајно бидете повикани во следни фази од апликацијата за работа. ТУКА можете да добиете информации за идните саеми за вработување кои ќе се одржуваат низ цела Германија.
Саеми за вработување организирани од EURES: Како што веќе спомнавме, EURES ги организира Европските денови на вработувањето на годишно ниво низ сите држави членки на Европската Унија. Федералната агенција за вработување на Германија редовно зима учество со сите понуди кои во тој момент ги има на германскиот пазар на трудот. Речиси секогаш, на настаните низ цела Европа со тимот на Федералната агенција за вработување доаѓаат и претставници од фирми кои вработуваат, па на овој начин би можеле да остварите директен контакт со некој од нив.
Приватни посредници при вработување: Уште еден начин на кој можете да се обидете е да се обратите до некоја од приватните агенции за посредување при вработување. Имајте на ум дека најчесто овие агенции ќе бараат превисоки провизии доколку ви завршат работа.
Вашите најблиски: Фамилијата и пријатели се нашата најголема поддршка во животот. Секој од нас познава барем по некој што во моментов живее и работи во Германија, или во најмала рака познаваме барем еден човек што познава некој што во моментов живее и работи во Германија. Можеби, баш таа личност ќе ви помогне.

Подготви: Ф.Р.