Маџун – моќен лек од времето на султанот Сулејман Величествениот

ИЗВОРСкопје24
|

Жителите на селата во Тиквешкиот регион во своите подруми чуваат маџун кој е стар и по неколку децении, а е наследен од нивните баби и дедовци. Велат колку постар е маџунот, толку е и полековит.

Овој збор може да се слушне и во Македонија и во Турција, но маџунот изгледа различно во двете земји. Кај нас, тој е лек и дел од здравата исхрана, а во Турција тој е бонбона. Во Македонија често го користеле сиромашните, а во Турција султанот Сулејман Величествениот и помогнал на својата мајка да оздраве со помош на овој моќен лек.

Овој гроздов засладувач е густ како сируп или мед и е моќен напиток за јакнење на имунитетот. Велат дека тој потешко се прави од виното, но е добар бидејќи им помага на луѓето како лек.

Се препорачува за мали деца, но и за возрасни и спортисти. Тој е лек кој помага при настинки, инфекции на дишните патишта, нарушена функција на хепарот поради жолтица или алкохолозам, при психички пореметувања и прекумерна тежина. Тој е 100% природен производ кој можете да го користите и како замена за шеќер.

Богат е со витамини, минерали, танини, флавоноиди и енергетски супстанци. Се добива со варење на гроздовиот сок исцеден од меленото грозје.

Приказната за овој природен засладувач е стара колку и грозјето, а во Тиквешијата, според археолошките истражувања, одгледувањето на виновата лоза има традиција стара повеќе од 2000 години. Во минатото, нашите баби и дедовци немале шеќер во изобилство како денес, бидејќи бил прилично скап, па слатките и колачите ги подготвувале со маџун. Маџунот го правеле од бели и црвени сорти грозје, но ги избирале оние поблагите, од кои се добивало многу повеќе маџун. Колку верувале во неговата лековитост, зборува фактот дека со маџун ги хранеле и бебињата, а денес науката овој начин на исхрана го докажа како исклучително здрав. Меѓу познавачите на маџунот, позната е изреката дека маџунот од бело грозје е храна, а од црвеното грозје е лек.

За гроздовиот слад се вели дека е хранлив како мајчиното млеко. Изобилува со минерали (калиум, натриум, калциум, фосфор, железо), витамини (Б1, Б2, Б3, Б6, Ц, А, Д), енергетски супстанци, танини, флавоноиди, антиоксиданси, гроздов и овошен шеќер, органски киселини. Токму поради тоа, маџунот претставува вистинска ризница на хранливи состојки, кој ќе ви помогне да го подобрите вашето здравје.

Маџунот претставува 100% природен производ без додаток на шеќер, адитиви и конзерванси. Може да се користи во секојдневната исхрана за засладување на чај, млеко, мусли или пак како прелив на торти, сладоледи и колачи. Со ова не само што ќе го подобрите вкусот на вашите омилени пијалоци и јадења, туку ќе направите вистински чекор напред кон подобрување на психофизичкото здравје.