Еден од најталентираните млади македонски кошаркари, Михаил Наумоски, доби покана наместо за нашиот национален тим во натамошниот дел од својата кариера да ги брани боите на Италија. Михаил, кој е син на прославениот македонски репрезентативец и поранешен претседател на МКФ, Петар Наумоски, веќе си обезбеди клупски трансфер на Апенинскиот полуостров, а Италијанците импресионирани од неговиот потенцијал веднаш му понудиле и пасош, за во иднина да ги брани боите на „аѕурите“.
Доказ за тоа е и фактот дека Наумоски се нашол на списокот на селекторот Грегор Фучка, за настап во подготовките за ЕП за играчи до 16 години, на кое учествува и македонската репрезентација. Останува да видиме дали талентираниот Наумоски и официјално ќе стане „италијанец“ или ќе ги брани боите на Македонија. Несомнено е дека станува збор за врвен играч.
ИЗВОР: ЕКИПА.МК
Претходно Македонија изгуби талент на фудбалското поле, откако Никола Секулов го облече дресот на Италијанската фудбалска репрезентација.Талентот кој има македонско потекло игра во екипата на Јувентус и важи за еден од најголемите таленти. Тој изминатиот период ги одбиваше сите повици во македонскиот национален тим до 17 години, но веднаш прифати да игра за „аѕурите“. Изминатиов викенд тој беше дел од репрезентативен камп на кој беа повикани дури 55 талентирани момчиња од оваа генерација.