Македонија има два гола предност, 13:11, по 30 минути игра против Грција во „Парк“ во Струмица, во последното коло од квалификациите за ЕУРО 2020.
Буковинас, голманот на Грција имаше самоуверен старт со три интервенции во низа (Лазаров, Маџовски и Георгиевски), додека на спротивната страна Цирас и Илиопулос беа прецизни за почетни 0-2 за Грција. Кузмановски го постигна првиот гол за Македонија во 4 минута, а потоа заработи исклучување со кое остави простор ривалот да дојде до највисока предност од 3:6.
Премногу „дупки“ во одбраната, како и фактот дека Ристовски немаше ниту една интервенција за 15. минути само им одеше во прилог на Грците, кои држеа предност од два до три гола (4:6, 5:8).
Митревски застана меѓу стативите, а една негова интервенција, поголемата ангажираност во дефанзивата, која донесе повеќе технички грешки кај противникот и промашени зицери, како и покреативниот напад донесоа серија од 4-1 за Македонија и изедначување по погодокот на Пешевски, 9:9 во 23 минута од првиот дел.
Токму пикерите одиграа клучна улога во финишот на полувремето, односно Никола Маркоски од контра, како и Пешевски со два гола во серија (по одбраната на Митревски и техничките грешки на Грција), за прво водство на Македонија од 13:11.
Голманот на Грција, Буковинас е главниот виновник што Македонија не оди со поголема предост на полувремето со оглед на тоа дека првиот дел го заврши со седум одбрани.
Инаку, македонската ракометна репрезентација ја дочекува Грција во салата „Парк“ во Струмица во битка за одмазда и победа за освојување на првото место во квалификациската група, а ракометарите предводени од Кире Лазаров истрчаа во опрема на која пишува само – Македонија.
Грците во Струмица беа пречекани со салдо свирежи, а ништо подобар третман немаше ниту нивната химна.
Тие веќе со децении беа најгласни против употребата на името Македонија, се бунтуваа во минатото и за кодот МКД, кој го бришеа, па на крајот лани со преспанскиот договор се смени уставното име на нашата земја. Арно ама, денеска на теренот во салата „Парк“, ракометарите си истрчаа само со Македонија на својата опрема.