Оваа година фестивалот „Макфест„ ќе се одржи, но со неколку големи промени

|

Фестивалот ќе се одржи на 18 и 19 септември (петок и сабота) на градскиот плоштад „Слобода“ во Штип.

Заменик градоначалникот на Штип Јане Миланов, изјави дека – „Годинава фестивалот ќе се реализира во услови на светска пандемија и на заштитните мерки и протоколи согласно препораките, а тоа е најголемиот предизвик. И во минатото имало бројни предизвици, но биле успешно совладани, така што не се сомневам дека и оваа година ќе имаме успешен фестивал“.

На Макфест оваа година меѓу изведувачитесе Александар Митевски и Драган Спасов-Дац, Димитар Андоновски, Биба Додева, Нокаут, Ѓоко Танески и други. Покрај познати имиња кои настапуваат на фестивалот, ќе има и дебитанти.

Ќе има и ревијална вечер на која ќе настапат осум музички имиња, дел победници, а дел познати имиња од годините наназад, додека втората вечер ќе биде натпреварувачка и на неа ќе настапат 24 изведувачи.

Наградите се исти како и претходните години, 5.000 евра за прво место, 3.000 евра за второ и 1.000 евра за трето место. Ќе има награда и за најдобар аранжман, за најдобар сценски настап и за дебитант во висина од по 500 евра. Оваа година нема да се додели наградата за најдобра интерпретација бидејќи фестивалот ќе биде на „плејбек“. Причина за ова, е техничкиот фактор, односно неможноста да се менуваат 24 микроофони.

Шоу програмата додека публиката гласа за време на натпреварувачката вечер ќе биде во изведба на Игор Џамбазов и Гуру Харе. Интересно е што освен тоа што ќе гласа публиката, организаторите најавуваат дека дел од гласачкиот сегмент не се открива, за да се избегне можноста за интервенции. Истиот ќе биде објавен на денот на фестивалот.

Во моментот се прават пресметки колку е капацитетот на плоштадот во согласност со здравствените протколи, за да се постават столчиња согласно препораките на растојание од 1,5 метар.

Движењето на плоштадот, ќе биде ограничено со две акредитации, црвена и зелена. Новинарите ќе имаат посебно место, до сцената, кое ќе биде еден вид прес центар

Според организаторите, единствен предизвик се временските прилики.