Манасков: Срамота! Кире Лазаров на 40 години мора да се „тепа“ 60 минути!

ИЗВОРСкопје24
|

Крилото на македонската репрезентација Дејан Манасков со жестоки зборови се нафрли на помладите колеги во националниот тим по крајот на Светското првенство 2019 кое го завршивме на 15. место.

Според Манасков, срамно е кога на еден меч капитенот Кире Лазаров со своите 40 години мора да се „тепа“ 60 години а нема кој да го замени.

„Ова е срамно. Еден Кире Лазаров на свои 40 години да се ‘тепа’ против Чиле 60 минути затоа што нема кој соодветно да го замени. И јас сум бил млад, и јас сум почнувал, па сум носел некоја одговорност и желба и мотив да дадам се од себе во националниот тим. А овие младите треба да се запрашаат зошто не можат да постигнат еден гол и против тим како Чиле. Треба добро да размислат за својот однос. Ова го велам затоа што навистина е срамота да го гледам Лазаров како се бори со 40 години а некои се влечат по терен“ – вели Манасков за Екипа.мк.

Инаку, македонската репрезентација денеска славеше тешка победа над Чиле со 32:30 и го освои 15. место на Мундијалот во Германија и Данска.

Македонија со победа го заврши настапот на Светското првенство, но таа беше изборена многу потешко од очекувањата. Дуелот на Чиле беше изедначен во целиот тек.

Почетокот на мечот изгледаше дека полесно ќе го добиеме овој дуел но не беше така. Чилеанците парираа одлично, беа рамноправни, на полувремето се замина со 16:16.

Раул почна со тактика шест на шест, но на крајот мораше со седум на шест да го руши отпорот на противникот. Можеби планот беше да се направи поголема разлика, па да им се даде шанса на сите ракометари, но работите не се одвиваа така.

На десетина минути пред крајот Чиле дојде до два гола предност, па дури тогаш нашите ракометари запнаа и за неколку минути ја вратија предноста и го привршија мечот за победа од 32:30.

Кире Лазаров со девет голови беше најефикасен на овој натпревар, Манасков имаше еден гол помалку од него. Никола Митревски мечот го заврши со 11 интервенции