Манекенката Катарина Иваноска ги искара родителите: „Јас сум вакцинирана – Го вакцинирав и моето дете“ (ВИДЕО)

ИЗВОРСкопје24
|

„Јас сум вакцинирана. Го вакцинирав и моето дете“, вели Катарина Ивановска во кампањата на Европската унија.

-Вакцинацијата спасува милиони животи. Признаена е како една од најуспешните и најекономични здравствени мерки во светот. Високиот опфат на вакцинација на соодветна возраст, создава колективен имунитет. Не постојат научни докази за поврзаност меѓу вакцината против мали сипаници, заушки, рубеола (MMR вакцина) или која било друга вакцина со аутизмот или аутистичните нарушувања. Вакцините се произведуваат во опкружување и процес кој подлежи под многу контроли.Апелирам сите родители да ги вакцинираат своите деца, за да може да ја спречиме епидемијата од морбили (мали сипаници)!“ – апелира македонски топ-модел.

Инаку здружението на педијатри на Република Македонија вчера вечер преку соопштение изрази поддршка за сите мерки што ги презема Министерството за здравство во однос на вакцинирањето на децата кои не се вакцинирани со МРП вакцината.

-Повикот е од особена важност за децата кои се во потенцијален ризик или се опкружени со лица во потенцијален ризик и истите треба да бидат веднаш вакцинирани со цел намалување на ризикот на и така намалениот колективен имунитет. Со тоа се намалува ризикот за пренесување на малите сипаници – морбили, кај децата и кај повозрасната популација. Со вакцинацијата се намалува ризикот од заболување од морбили, а со тоа и опасноста од можните компликации кои можат да бидат многу сериозни и смртоносни, се наведува во соопштението.

Воедно, се наведува дека важноста на педијатарот во имунизацијата е исклучителна и единствена, бидејќи тој е компетентен во проценувањето на здравствената состојба на детето и е одговорен за навремено информирање на родителите во однос на здравствената заштита на детето и имунизацијата.

По претходно утврдена здравствена состојба на детето, со вакцинирањето се спречуваат несакани грижи за здравјето на децата, посочуваат од Здружението на педијатри и потенцираат дека вакцините се безбедни и квалитетни.