Кога и да се споменеше модна писта таа секогаш беше тука, во минатото не можеше да помине ниту една модна ревија без неа, успешна манекенка, а сега посветен одделенски наставник, добро позната за јавноста, Маја Глигоровска. Модните писти и заводливите парчиња облека ги замени со училниците, таблите и кредите. За себе вели дека токму ова е работата која ја исполнува комплетно.
Поранешната менекенка веќе 10 години работи во основното училиште „Браќа Миладиновци“ во Аеродром. Она што сега таа го работи се должи на напорен, но потполно исплатлив труд, со оглед на тоа што нејзината струка е токму Педагогијата, Глигоровска има завршено на Педагошкиот факултет, а од пред извесно време станува и Магистер по Односи со јавност.
Екипата на Скопје24 реши да навлезе малку подлабоко во животот на преубавата поранешна манекенка, сега посветена и успешна наставничка и да направи ексклузивно интервју во кое Глигоровска ни раскажа за дел од својот приватен живот , но и ни ги откри причините поради кои реши да ги напушти модните писти.
Некогашен модел и мис бикини универзум, сега посветен одделенски наставник, што е она што те натера да се оттргнеш од манекенството?
– Не можам да кажам дека се оттргнав од манекенството, едноставно тоа беше период кога ми се случија пресврти на многу полиња, родив дете, создадов семејство и некако постепено се смени фокусот на моето внимание па се повлеков додека се стабилизирам. Понуди за работа како фото модел имав а имам и ден денес.
Нешто кое многумина ги интересира, откако престана да се занимаваш со манекенството влезе во образовната професија, како го прифати тоа јавноста?
– Реакциите на јавноста беа различни, некои се прашуваа од каде јас во овие води. Но добро упатените знаеа дека студирав Педагошки факултет и дека всушност ова е мојата струка. За тоа учев и тоа го сакав. Работата со деца ме исполнува.
Ти си самохрана мајка, како се носиш со оваа титула, колку е тешко во Македонија да се најдеш во таква животна улога?
– Самохрана мајка сум и горда сум на начинот на кој го воспитувам моето дете. А, како е да бидеш самохрана мајка во нашево општество. Јас можам да заклучам дека се е индивидуално, потребна е подготвеност, храброст, и огромна љубов низ процесот растење и развој на еден детски живот. Но со посветеност се успева.
Секогаш си во фит форма ,и покрај обврските ти си пред се посветена мајка и успешна жена како успеваш да се одржиш, како изгледа еден твој ден?
– Еден мој ден е многу динамичен. Кога сум прва смена на настава станувам рано, го подготвувам син ми па себе. Иако имам многу активности сепак наоѓам време за тренинг, вежбањето всушност ме одржува во форма. Сакам кога сум фит. Посреќна сум и позадоволна.
Имаш ли моменти кога ти недостига манекенството и дали можеби во блиска иднина би можеле да те видиме повторно назад?
– Нормално дека ми недостига понекогаш, но откако се роди Тино, тој е центарот на мојот свет, па сум среќна што работејќи во образование сум во тек со се со што тој се соочува, наоѓаме методи како да ја совлада материјата на предметите. Викендот ни е резервиран за повторување на лекциите и од тоа правиме забава како би учел со леснотија. Манекенството е моја прва љубов и секогаш ќе остане. Ќе сработам и во иднина се што сметам дека е за мене предизвик и дека ќе ме исполни во моментот.
Дали во Македонија се живее од манекенството, како човек кој бил и заминал од модните писти, што би им препорачала на идните манекенки?
– Во “мое време” бевме ангажирани неколку девојки и имаше многу работа за секоја од нас. Сега е поинаков пазарот, но и условите за работа. На младите им порачувам да го следат својот сон. Успехот е неминовен.
За крај, што е што најмногу те опушта и која е локацијата во Скопје каде најчесто може да те видиме?
– Ме опуштаат игрите со мојот ангел, секој момент го користам да правиме нешто заедно бидејќи времето лета, а децата си растат. Ме опуштаат дружбите со пријателите со кои се сакаме и почитуваме. Често седнуваме со другарките на ручек кој завршува доцна навечер со музика и убаво расположение.
Омилена локација за викенд ми е секогаш некаде покрај вода, без разлика- море, езеро, или на некој рибник покрај река.Македонија изобилува со вакви места, а јас како риба во хороскоп уживам да ги посетувам. Тоа ќе му дојде како – моја природна средина. Омилеми ми се рибниците во Нежилово и Вруток.
(Љупка Спасовска)