Меси ги загубил нервите на аеродромот во Ливерпул, директорот на Барса спречил поголем инцидент

ИЗВОРСкопје24
|

Лионел Меси имаше една голема шанса во првото полувреме и им сервираше уште две на своите соиграчи на вчерашното гостување на „Енфилд Роуд“, но играчите на Барселона во ниту една од трите опасни ситуации не успеаја да ја погодат мрежата на Алисон Бекер, нешто што на крајот се покажа како кобно по нив.

Ливерпул успеа да направи вонсериски пресврт и со зачудувачки 4:0 ја нокаутираше Барселона, резултат со кој ги анулираше навидум високите 3:0 од „Камп Ноу“ и со кој се пласираше во големото финале во Лигата на шампионите. Овој успех беше речиси незамислив пред стартот на мечот бидејќи Клоп не можеше да смета на Мохамед Салах и Роберто Фирмино, но синоќа како херои истапија Дивок Ориги и Џини Вајналдум кои ги преземаа работите во свои раце. Луис Суарез веднаш по крајот на мечот истакна дека играчите на Барса ќе мора да ја преземат одговорноста и да ги прифатат жестоките критики кои ќе следат, а во една таква ситуација на аеродромот, нервите ги загубил Лео Меси.

Како што информира „Мундо Депортиво“, Меси имал мал инцидент со одредена редуцирана група на фанови на Барселона, па дури и се упатил кон нив за да ги расчисти работите. Капитенот на Барселона пристигнал последен на аеродромот поради допинг контролата од страна на УЕФА, а во тие моменти добил одредени замерки од навивачите на Барса за новата болна елиминација во најелитното натпреварување. Меси не останал рамнодушен и се упатил кон фановите кои испратиле навреди кон тимот, а ситуацијата ја смирил Пепе Коста кој како директор на Барселона навреме реагирал и спречил блиска средба меѓу капитенот и лутите фанови. Угледниот каталонски весник тврди дека ова се случи во 1 часот по полноќ во моментите кога требало да полета авионот за Барселона, а покрај навредите, имало и такви фанови на Барса кои го поздравиле аргентинскиот фудбалер откако увиделе дека ситуацијата е доста тензична.