Има сè повеќе докази дека децата што си легнуваат околу седум часот навечер имаат помал ризик од дебелеење, подобро се развиваат и растат, постигнуваат подобри резултати во образовниот процес и емоционално се постабилни.
– Природниот ритам на децата е да одат на спиење многу порано од возрасните, а ако остануваат будни доцна навечер како родителите, им се намалуваат шансите да растат поздраво и да постигнуваат најдобри резултати во учењето – предупредува професорот по педијатрија Ендру Џ. Бернштајн од Универзитетот „Нортвестерн“.
Се препорачува децата што имаат помалку од една година да спијат од 12 до 16 часа на ден, децата од една до две години од 11 до 14 часа, а од 3 до 5 години – 10 до 13 часа дневно. Доказите укажуваат дека недоволното спиење им ја нарушува способноста да учат, да задржуваат информации и да управуваат со своите чувства. Исто така, се создава предиспозиција кон различни здравствени проблеми, особено кон дебелеење.
Спиењето преку ден не е замена
Во студијата што неодамна беше објавена во списанието „Џурнал оф педијатрикс“ научниците следеле речиси 1.000 претшколски деца сè до нивна адолесцентна возраст, бележејќи го времето кога оделе на спиење од нивната четврта до петнаесеттата година. Резултатите покажале дека 39 проценти од децата што оделе во кревет по 20 часот станале дебели тинејџери, во споредба со само 10% од врсниците што порано заминувале на спиење.
Една студија од 2015 година покажа дека дебелината кај децата не може да се објасни само со времетраењето на сонот. Дополнителни студии посочуваат дека спиењето во текот на денот за да се надомести недостигот на ноќен сон нема ист ефект кога се работи за намалување на стапката на дебелина кај децата. Како што растат децата, сонот и натаму е многу важен, но заради подобро совладување на наставните содржини и поголема емоционална стабилност. Ако хигиената на спиење кај децата е лоша уште од мала возраст, многу тешко ќе можете да поттикнете здрави навики кај нив.
Како да ги научите на хигиена на спиење?
Ниту една метода за легнување навечер не функционира за секое семејство исто, но постојат многу мали работи што можат да ги направат родителите за да поттикнат порано заминување во кревет кај децата. Бернштајн препорачува да се користат кадифени играчки, да се одвикне детето од спиењето во родителскиот кревет, како и постапно да се продолжува времето кога се оставаат сами во креветчињата за побрзо да развијат способност сами да се успиваат.
– На почетокот можеби ќе има многу солзи, но децата ќе плачат многу помалку во текот на животот ако ги научиме порано да си легнуваат – вели тој.