Потпретседателката на владата на Србија, Зорана Михајловиќ апелирала до сите земји од Западен Балкан да направат стратегија за заеднички економски развој.
Навела дека тоа ќе биде и една од темите на разговор со лидерите на Албанија и Македонија, Еди Рама и Зоран Заев, на почетокот на октомври во Белград.
Тој состанок, како што навела, го иницирал претседателот на Србија, Александар Вучиќ, а на тема формирање на “мал Шенген”.
“Секоја од земјите од Западен Балкан сепак е мала за привлекување на глобални инвеститори, без кои не е можно да се обезбеди константен економски раст. Но, заедно можеме да бидеме поконкурентни, како кон ЕУ, така и кон другите светски пазари. Тоа јасно го покажа и случајот со отворање на новите фабрики на “Volkswagen””, навела Михајловиќ.
Таа додала дека тука не станува збор за создавање на некоја “нова Југославија” или “голем Балкан”, туку за примена на чиста економска логика, која може да обезбеди подобар живот за граѓаните.
“Тоа што секој од нас треба да го направи е да ги укине сите внатрешни царински и гранични бариери за транспорт на роба и услуги меѓу Србија, Албанија и Македонија и во тоа можеме да имаме поддршка и од Транспортната заедница, чие седиште од неодамна е во Белград”, рекла Михајловиќ.
Потпретседателката на владата, која е и министерка за градежништво, сообраќај и инфраструктура, навела и дека би било многу добро ако сите земји од Западен Балкан имаат усогласена инфраструктурна политика.
“Можеби прв чекор во таа насока би можело да биде формирање на регионална мрежа на полначи за електрични возила, бидејќи станува збор за технологија која секако е иднина, како и едиствена наплата за патарини на авто-патите, која би им овозможила на граѓаните на нашите земји без сопирање да минуваат преку наплатните рампи”, навела Михајловиќ, а наведено е во соопштението од нејзиниот кабинет.