Не верував дека на 38 години ќе играм на европското првенство, рече Пандев

ИЗВОРНов Лист
|

Македонската фудбалска репрезентација рано утрово пристигна од Тбилиси во Скопје откако синоќа ја победи Грузија и се пласира за прв пат во историјата на Европско првенство. Поради густата магла на Скопскиот аеродром, авионот со фудбалската репрезентација слета во Приштина од каде со автобус стигнаа во Скопје.

„Јас би се надоврзал на селекторот, благодарност до сите што не пречекавте. Сонот ни се оствари, сите заедно се радуваме и да настапуваме на ова ЕП со победи. Знаеме сите дека поминавме долг пат до ова ЕП, навистина дечките го заслужија ова и уште не сме свесни што направивме. Среќни сме, во следните денови ќе се свестиме дека сме на ЕП. Уште ние фудбалерите фалевме да се пласираме на едно ЕП. Не верував дека на 38 години ќе се пласирам на едно ЕП… добро што дојде овој коронавирусот, па ми ја продолжи кариерата уште малку. На цела Македонија ѝ се оствари сонот“, изјави Пандев.

На граничниот премин Блаце околу 4.30 часот фудбалерите ги пречека премиерот Зоран Заев, вицепремиерот Артан Груби и директорот на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсоски. Владата фудбалерите ќе ги награди со по 10.000 евра од резервите во буџетот.

Инаку, нашата фудбалска репрезентација на Европското првенство е во група со Холандија, Австрија и Украина. Првите два натпревари ќе ги игра во Букурешт против Австрија на 13 јуни, а со Украина на 17 јуни. На 21 јуни ќе играме со Холандија во Амстердам.