Македонскиот ракометен првак Вардар игра пред (пре)полна сала во СЦ „Јане Сандански“, а пред натпреварот, вардаровите навивачи повторно пееја заедно со македонската група „Некст Тајм“. Групата ја испеа популарната „Излези Ѓурѓо“, а пропатно со нив грмеа уште 7.000 грла, присутни на трибините во вардаровиот дом. Во СЦ „Јане Сандански“ нема место игла каде да фрлиш, затоа што трибините се полни, а исто така, нема место и за стоење. Поддршка има и ПИК Сегед, во нешто околу 150 гости од Унгарија.
Инаку, пранешниот европски ракометен шампион Вардар вечерва, на домашен терен, го игра првиот четвртфинален дуел од Лигата на шампионите (ЛШ) против Пик Сегед, меч кој е посебно емотивен бидејќи најверојатно ќе биде последен во „Јане Сандански“ пред очекуваниот распад на клубот по најавеното заминување на сопственикот Сергеј Самсоненко.
Такви се и размислувањата на дел од ракометарите, кои веќе почнаа да се збогуваат со Македонија и со своите фанови тука. Еден од тие што го направија тоа е Тимур Дибиров, тој во пресрет на значајниот дуел со унгарскиот тим јавно им се заблагодари на сите Македонци за сѐ што направиле за него за време на престојот во нашата држава.
А, сето тоа беше зачинето со фотографија од историскиот дочек на црвено-црните ракометари на скопскиот плоштад по освојувањето на европската титула пред две години.