Ништо од сонот за ОИ: Македонија загуби од Исланд и ќе разигрува за пласман на СП!

ИЗВОРГол
|

Македонската ракометна репрезентација доживеа пораз во клучниот натпревар на Светското првенство (СП) против Исланд (22-24) и нема да продолжи во наредната фаза на шампионатот и ќе разигрува за скромен пласман.

Дуелот меѓу двете селекции, стари познаници, се играше воглавно во егал и беше неизвесен. Ристовски и Густавсон блескаа меѓу стативите, а победникот се реши во последните пет минути, во кои постабилен во нападите беше Исланд. Поради поразот заврши и сонот на оваа генерација, за пласман на едни Олимписки игри. Во разигрувањето за пласман од 13 до 16 место, Македонија ќе се сретне со Русија или Србија.

Избраниците на Гонзалез подобро го отворија натпреварот. Со добар напад и расположен Борко Ристовски и голови кои доаѓаа од крилата Манасков и Георгиевски, нашиот национален тим се одлепи на 4-1. Се играше воглавно без брзање, а Исланд немаше решение за нашата игра. Осум минути го задржавме противникот на само еден гол, но потоа почна да не функционира играта „седум на шест“, па Исланд на голови со празна мрежа изедначи на 4-4.

Оттогаш, па се до полувремето се водеше голема борба. Резултатот претежно беше изедначен, а разликата ја направи најдобриот македонски ракометар Кирил Лазаров, кој од 9-9 даде три гола во низа и во финишот на полувремето донесе предност од 12-9. Најдобриот ракометар на Исланд, Палмарсон, повеќе од 25 минути беше без гол. Првиот погодок во мрежата на Ристовски, шутерот го даде во 28. минута, за 12-11.

До паузата, Македонија дојде до предност од два гола (13-11), а борбата продолжи и на стартот на вториот дел (16-15). На овој меч, Густавсон беше главен адут на Исланд, затоа што се разбрани. „Рибарите“ во 44. минута од мечот дојдоа до прво водство на средбата (16-17), а потоа со голот на Јонсон, се поведе и со два гола (16-18). Македонија девет минути беше без гол, а тоа се одрази врз резултатот, па Раул повика тајм-аут.

Малата пауза како да годеше за прекин на кризата, па Талески успеа да даде гол, но Исланд пак возврати со гол. Во последните десет минути, Исланд ја задржа предноста од два гола (18-20), па Пешевски и Поповски со два брзи гола ја вратија Македонија во игра (20-20). Беше изедначено и на пет минути до крајот (21-21), а потоа Исланд пак се одлепи на недостижни два гола, што беше пресудно.

Најдобар кај Исланд беше Гунарсон со десет постигнати гола, додека кај Македонија, Манасков и Лазаров дадоа по пет гола, Талески заврши со четири, а Пешевски даде три гола.

Македонија ја завршува групната фаза на четвртото место, со две победи над Бахреин и Јапонија, како и три порази од Шпанија, Хрватска и Исланд.

Превземено од: Гол.мк