Нема нов полициски час, ама ќе мора да се носат маски и да се намалат ноќните парк прошетки

ИЗВОРНов лист
|

Владата денеска на седница директно расправаше и одлучуваше за нов полициски час во Скопје, Куманово, Тетово и Штип со соседните помали општини. Одлуката на министрите на седница била спротивна на препораките на стручната здравствено-научна Комисија за заразни болести и нема да има забрана за движење во спомнатите градови после 22 часот.

Министрите уште вчера барале да се расправа директно на седница, а не Главниот кризен штаб да ги носи одлуките кои се претставуваат и усвојуваат на седница. Ова е вторпат да се определат мерки за полициски час, поинакви од препораките на Комисијата. Првпат беа изменети мерките за празникот Рамазан Бајрам кога наместо од сабота навечер, полицискиот час почна на празникот во 11 часот претпладне, за што вчера и др. Караџовски од Комисијата кажа дека не знае зошто била изменета одлуката на Штабот.

Владата соопшти дека бара од МВР поголеми контроли и дека прекршителите на мерките за изолација и самоизолација ќе бидат праќани во државен карантин:

Владата на Република Северна Македонија на денешната 63-та седница во врска со спречување на внесување и ширење на болеста заклучи да се воведат засилени контроли и мониторинг во таргетирани подрачја на градот Скопје и општините во градот Скопје, потоа во околните скопски општини Арачиново, Студеничани, Илинден, Петровец и Зелениково, како и во општините Куманово, Липково, Штип и Карбинци, Тетово и тетовски општини Боговиње, Брвеница, Теарце, Желино и Јегуновце, каде што е регистриран поголем број на новозаразени граѓани.

Согласно овој заклучок, предлогот за воведување рестриктивни мерки ќе биде повторно разгледан во Комисијата за заразни болести.

Во оваа насока, Владата ги задолжи Министерството за внатрешни работи, Инспекцискиот совет и Финансиската полиција да изготват посебни акциски планови за контрола и за спречување на отстапувањето на мерките за заштита, како и санкционирање на секое непридржување до донесените мерки.

Во врска со оваа точка, Владата заклучи Државниот здравствен и санитарен инспекторат во секое решение за изолација што ќе биде донесено да стои дека е задолжително инсталирање на апликацијата СтопКо*она заради поголема прегледност и контрола со цел превенција на ширењето на болеста. Секое прекршување на одредбите од решението за изолација ќе биде санкционирано со државен карантин.