Oд мерката „Викенд без ДДВ“, над 200 илјади граѓани ќе добијат околу 1 милион евра

|

Од мерката „Викенд без ДДВ“ исплатата на средства треба да започне од следната недела, најави вчера на прес-конференција министерот за финансии Фатмир Бесими, откако во Собранието беа донесени ребалансот на Буџетот и законите кои овозможуваат реализација на четвртиот пакет мерки за поддршка на граѓаните и фирмите погодени од корона кризата.

Министерот за финансии не прецизира колку вкупно пари ќе им бидат вратени на граѓаните, но од претходно објавените податоци, станува збор за околу еден милион евра.

Мерката беше спроведена на 10, 11 и 12 октомври, кога беше реализиран вкупен промет од околу 9 милиони евра, од кои, како што соопштија од Управата за јавни приходи, повратот изнесува 66.853.929 денари, односно нешто над милион евра.

Проекциите на владата при најавата на оваа мерка беа дека ќе се потрошат над 170 милиони евра, а повратот на ДДВ ќе биде во вкупна висина од 17 милиони евра.

Поврат на ДДВ од продолжениот викенд ќе добијат вкупно 204.088 граѓани кои купувале македонски производи и услуги како и компјутерска опрема и издадените фискални сметки ги скенирале преку апликацијата МојДДВ. Оваа мерка можеа да ја искористат околу 350 илјади граѓани кои се регистрирани во системот на Управата за јавни приходи за скенирање фискални сметки, но се покажа дека некои од нив не можеле или не сакале да ги искористат поволностите за поврат на ДДВ.

Според најавите, повратот на средствата требаше да се изврши во рок од три недели по викендот без ДДВ, или најдоцна до крајот на октомври, но се продолжува поради носењето на неопходната законска регулатива за реализација на четвртиот пекет мерки.