Одбојкарите со ново признание за нов предизвик

|

Откако ја почувствуваа сласта од настап на европските првенства, а со впечатокот на последниот континентален собир го заслужија местото во елитата, македонските одбојкарски репрезентативци наредната година првпат ќе играат во „Златната Европска лига“

Трипати беа финалисти, но немаа среќа да се израдуваат на пехар, па црвено-жолтите ја кренаа летвичката и во 2020-тата ќе дебитираат во највисокиот натпреварувачки ранг, односно во „Златната Европска лига“. Тоа е награда за одличните резултати на премиерното европско првенство за нас, на коешто во септември нашите одбојкари ја совладаа Белорусија и коорганизаторот, европската сребрена селекција Словенија.

Со оглед дека е 21-ви на ранг-листата на ЦЕВ., македонскиот национален состав во мај и во јуни ќе одигра најмалку шест натпревари со исклучително квалитетни противници. Во престижната конкуренција највисокорангирана е Белгија како шеста одбојкарска сила на континетот, а зад неа, но во првите десет е и Холандија.

Покрај нив, ќе учествуваат и Чешка, Турција, Украина, Словачка, Шпанија, Естонија и Португалија, како и послабо рангираните од нас Белорусија и Романија. 12-те репрезентации ќе бидат поделени во три групи со по четири,секој ќе одигра со секого дома и на гости, првото коло е планирано за викендот на 23-ти или на 24-ти мај, а последното, шесто, на 13-ти или на 14-ти јуни. Завршниот турнир ќе биде закажан на 20-ти и на 21-ви јуни.

Покрај трите сребрени медали досега, македонската репрезентација беше бронзена во Европската лига во 2014-та, а лани го освои четвртото место. Овој пат, во друштво на најдобрите, генрацијата на Никола Ѓорѓиев ќе се обиде да остане на квалитативно ниво како во Љубљана, каде што за нијанса не успеа да обезбеди пласман во осминафиналето на европскиот шампионат.

Квалификациите за наредниот ќе почнат во август, така што настапот во „Златната Европска лига“ ќе им овозможи на нашите одбојкари да бидат на највисоко натпреварувачко ниво во обидот да остварат постојаност во учествата на континенталните првенства.