Владата на првата седница донесе повеќе одлуки – ова се најважните

|

На оваа конститутивна седница беа определени замениците на претседателот на Владата и тоа Артан Груби, министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Љупчо Николовски – заменик претседател за борба против корупција, за одржлив развој и човечки ресурси, Фатмир Битиќи – за заменик претседател на Владата за економски прашања и за координација со економските ресори и Никола Димитров за заменик претседател на Владата задолжен за европски прашања. Воедно, овие вице-премиери ќе бидат и преседатели на основните комисии на Владата на Република Македонијa и тоа: комисијата за економски систем и тековна економска политика, комисијата за политички систем и комисијата за човечки ресурси.

Следна битна Одлука која беше донесена од страна на Владата беше на предлог на Министерството за образование и наука – ја разгледа и усвои Информацијата за реализација на наставата во основните и средните училишта во учебната 2020/2021 година и го усвои Планот за одржување на наставата во основните и средните училишта. Согласно Планот за одржување на наставата, Владата ги усвои Протоколите за постапување на основните училишта и средните училишта во Република Македонија, за реализација на воспитно-образовниот процес со физичко присуство на учениците во учебната 2020/2021 година, како и Алгоритамот за постапување во училиштата во случај на појава на ученик со симптоми.

Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои и Информацијата за повторно отворање на установите за згрижување и воспитание на деца -детски градинки / центри за ран детски развој, при што се планира градинките да отпочнат со работа од 9 септември 2020 година, а до тогаш се должни да се подготват за работа согласно протоколите.

Владата на Република Северна Македонија на својата прва седница му препорача на Управниот одбор на Јавно претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта да донесе одлука за ангажирање на потребна механизација, средства за работа и вработени, за уривање и демонтирање на бесправно изградениот градежен објект што се наоѓа пред ТЦ „Мавровка“ КП 8891/3, според имотен лист бр. 110092, без надоместок кон Општина Чаир, односно од сопствени средства.