ОФИЦИЈАЛНО: Сергеј Самсоненко по седум години на чело на РК Вардар си заминува од клубот!

ИЗВОРСкопје24
|

Тоа за што подолго време се шпекулираше, денеска е и официјално потврдено – рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко по седум години на чело на РК Вардар, си заминува од клубот.

Во објава на официјалниот веб-сајт на РК Вардар, Самсоненко со соопштение вели дека по големите средства кои ги вложил во клубот и ветената помош, не може да продолжи со финансирањето на клубот.

Под водство на Самсоненко, РК Вардар стигна до титулата европски шампион во 2017 година, освои 4 титули од регионалната СЕХА лига, додека ЖРК Вардар три пати беше бронзен, а двапати сребрен во големите европски финалиња.

Известувањето на Самсоненко во целост:

„Почитувани граѓани, пријатели! Почитувана јавност!

Изминува веќе 7-та година од моето раководење и финансирање на ракометот во државата, започнувајќи од ЖРК Вардар во 2012 година и веќе во 2013 година приклучувајќи го и РК Вардар.

Од седумте години поминати во ракометот за жал изминува веќе третата година како јас лично се борам од ден за ден за издржување на клубот, со постојано задолжување и земање на кредити. Покрај оваа борба која ја водам секој ден зад мене има повеќе од 5000 вработени во моите компании кои ги издржувам со нивните семејства и кои не сакам да ги загрозувам, а веќе тоа се одразува со моето постојано задолжување за спортот.

Приходот кој ракометниот клуб го има од страна на Европската Ракометна Федерација и од спонзори изминативе години не е ни 10% од буџетот кој јас го давам годишно.

Добив премногу ветувања дека за кратко ќе добијам помош за ракометот, но еве веќе како што напоменав измина и седмата година и таа помош ја нема.

Ова е причината поради која јас од следната сезона не сум во можност да продолжам со финансирањето на ракометниот клуб Вардар.

Во изминатите години РК Вардар како симбол на државата доминира во спортот. Вардар е, и ќе биде национална гордост за секој граѓанин. Вардар стана европски првак во машка конкуренција во ЛШ во 2017 година и на нашата земја ѝ го донесе европското злато.

„Црвено-црните” како што не нарекуваат ја освоија европската круна во Келн, и никогаш нема да заборавам ниту јас ниту сите граѓани како во Скопје не пречекаа илјадници луѓе и се поклонија за успехот на ракометарите.

Да не заборавиме дека 6 сезони во ЖРК Вардар донесоа: 6 првенствени титули, 5 купови на РМ, 5 учества во лигата на шампиони од кои три пати Европска бронза и двапати го освоивме второто место.

Шест сезони во РК Вардар донесоа : 4 првенствени титули, 5 купови на РМ, 2 супер купа на РМ, 4 регионални СЕХА титули, едно изгубено полуфинале во лигата на шампионите и титулата со непроценливо значење, освојувачи на ЛШ во 2017 година

Заради сето ова погоре со ова мое искрено писмо отворено Ги повикувам сите македонски бизнисмени да дојдат и да се приклучат кон финансирањето на Ракометниот клуб.

Вардар е едната радост на нашата земја!Се надевам дека ова ќе допре до Вашите срца и заедно ќе ја сочуваме нашата гордост!

Со почит,

Сергеј Самсоненко“