Октај Сејди: Тврдам дека македонските и генерално балканските дами се едни од најубавите низ светот

|

Нашиот денешен соговорник им е добро познат на сите припадничките на понежниот пол. Имено тој е заслужен за изгледот на голем број на дами на македонската сцена, но и на сите оние кои секојдневно ги среќаваме. Тој е одамна докажан во својата работа иако е се уште во цутот на својата младост. Неговите магични раце создаваат вистинска уметост кога е човечката убавина во прашање….

Доколку се уште не погодувате за кого станува збор, веднаш ќе ви откриеме. Нашата екипа имаше прилика да разговара со еден од омилените фризери и стилисти кај нас, Октај Сејди.

За него нема потреба многу да се зборува и објаснува затоа што делата говорат сами, како и фактот што безброј жени низ сите овие години, својата доверба за изгледот на своите најважни настани, му ја доверија токму нему.

Овој пат, низ насмевка, од прва рака ни раскажа како тој гледа на својата кариера, раскажа за тоа од каде ја црпи креативноста на своите ремек дела, за соработката со дамите од јавната сцена, но ни откри и некои совети за сите вас дами!

Кога и како започна приказната на Октај? Кога сфати дека сакаш да бидеш фризер и стилист? Колку време веќе се занимаваш со оваа професија?

– Мојата приказна започна уште од многу рана возраст, речиси од 9-10 години. Желбата и мотивот беа огромни, а најубавото е што тоа до ден денес е со иста жар кон мојата уметност. Од 17-18 години почнав посериозно да ја сфаќам оваа професија и решив да бидам далеку од својот дом, но поблиску до мојот сон. Така започна мојот пат кон успехот, односно со самото вселување во Турција, каде долги години бев на обуки и усовршување на талентот кој е дар од Бога. Еве веќе 8 години професионално се занимавам со оваа професија.

Од каде ја добиваш креативноста за нови фризури? Дали ги следиш светските трендови? Го надградуваш ли постојано своето знаење?

– Постојано следам трендови и ја применувам во секојдневните изработки. Ме прашавте за изворот на креативноста… Едноставно само по себе ми се раѓаат нови идеи и потоа ги реализирам врз моите клиенти, ме радува она што клиентите се препуштаат на мојата уметност и тука можам да се изразам потполно во сопствено светло, но и постојано посетувам разновидни семинари кои се во светски рамки.

Кај тебе доаѓаат и многу јавни личности. Со која дама ти е најлесна соработката и со која најмногу уживаш да соработуваш?

– Соработувам со многу ѕвезди. Дали од Македонија, Србија ,Турција итн., но јас ќе споделам со вас дека уживам кога работам со нашата ѕвезда Каролина Гочева. Таа е вистинска дама.

Дали дамите во Македонија имаат свој сопствен стил и дали сметаш дека доволно обрнуваат внимание за грижа на својата коса? Дали Македонија има стилски и негувани дами?

– Тврдам дека нашите, генерално балканските дами се едни од најубавите низ светот, се негуваат, обрнуваат внимание и редовно посетуваат фризер за стручен предлог/совет.

Од неодамна започна да се занимаваш и со шминкање на дамите. Кој е според тебе хитот за оваа година? Дали дамите сакаат повеќе природен изглед или поизразена шминка за своите специјални прилики?

– Точно, отсекогаш ја поседував таа естетика која денес јавно ја истакнав и се пренасочив и кон шминката. Можам да кажам дека ме исполнува и ме прави среќен кога ќе видам задоволни клиенти. И да, дамите секогаш бараат по природен изглед кој и јас истото го предложувам и преферирам, затоа што сметам дека треба да изгледаат природно и клиентот да личи на себе и својот стил, дури и со професионална шминка.

Неодамна го отвори новиот салон, најголем во твојата кариера досега, со што се оствари еден твој сон, што е следно што Октај го има зацртано во својата кариера?

– Кон патот на успехот се крие еден огромен труд. Многу жртви, многу пот и непроспиени вечери, нешто што денес ме прави да сум пред вас, токму овој Октај Сејди. Во рок од три години го отворив мојот трет салон, горд сум, не затоа што отворив нов и најголем салон во мојата кариера, туку дека следат уште многу сонови кои чекаат ден да станат реалност и остворување на уште една цел. Моите идеи немаат крајност и мислам дека тоа е она што ме држи цврсто и ми дава надеж за уште многу нови чекори кои чекаат да се изодат. Ме прашавте за следниот чекор што планирам да направам… Па овој одговор сега за сега, нека остане во тајност. Ќе бидете изненадени. ☺️

Која е најголемата ѕвезда со која си соработувал? И со која ѕвезда (кај нас, на Балканот или во светот) би сакал да соработуваш некогаш?

– Со безброј ѕвезди имав прилика да соработувам дали од Македонија, Србија ,Турција и им се заблагодарувам за укажаната доверба, каде почитта е обострана. Секое дело од мене е направено со многу љубов и труд. Голема благодарност до: Каролина Гочева, Јелена Розга, Теодора Џехверовиќ, Теа Таировиќ, Милица Павловиќ, Слаџа Алегро, Николија, Ивана од групата Hurricane, Марија Микиќ, Демет Акалн.

Која според тебе е најубава и најнегувана дама во Македонија?

– Не можам да одберам една најнегувана жена, затоа што во денешно време сметам дека нема жена која не се негува и се посветува на себеси. Тоа е всушност дел од сакањето на тоа што сте. Тоа е најдобриот подарок што можете да си го пружите. Вие сте жени, светот е ваш!, вели Октај.

(Наталија Јосифоска)