Машката сениорска репрезентација на Македонија се пласираше шести пат на континенталните собири, откако успешно ја мина квалификациската група со Исланд, Турција и Грција.
Ракометарите завршија на првото место во групата, откако само еднаш беа поразени, еднаш одиграа нерешено и забележаа четири победи.
Претседателот на РФМ, Живко Мукаетов на претходната седница на Управниот Одбор најави премија од 40.000 евра доколку сениорите бидат први во групата.
Ракометарите тоа го остварија, а сега на ред е Ракометната федерација на Македонија да го реализира ветувањето.
Македонија ја избегна Норвешка, ќе добиеме група во Австрија или Шведска
Европската куќа на ракометот објасни како ќе се одвива ждрепката за Европското првенство во 2020 година. Извесно е дека на 28 јуни во Виена, нашата селекција ќе биде класифицирана во вториот шешир пред извлекувањето, а со оглед на одредбите некои селекции да играат во градови кои се блиски до татковината, за да имаат голем број на навивачи, Македонија има две опции – да игра групна фаза во Австрија или Шведска.
Најдалечната норвешка опција е исклучена со оглед на тоа што Германија и Норвешка ќе играат во групата во Трондхајм, а двете се дел од вториот шешир, како и Македонија, и не може да бидат наши ривали во првата фаза.
Данска и Шведска се домаќини во Малме и Гетеборг и ако Македонија падне во една од овие две групи ќе патува во Скандинавија. Во „Малме Арена“ никогаш не сме играле, бидејќи не се квалификувавме за Светското првенство во 2011 година, а во Гетеборг игравме олимписки квалификации во април 2012 година.
Најдобрата и најблиската опција е Австрија и двата града од оваа земја во кои ќе се игра Европското првенство, Грац или Виена. Хрватска е носител во групата во Грац, а Австрија ќе игра во главниот град. Според голем број наши фанови Австрија е најдобра опција за нашата селекција, а и претседателот на федерацијата Живко Мукаетов вчера потврди дека заради можноста „Фалангата“ да биде побројна, Австрија е најдобра опција.