Пратениците изгласаа потреба за донесување закон со кој ќе се покачат платите во јавниот сектор

|

Собранието почна седница на која по скратена постапка треба да се донесат измени на Законот за исплатата на платите, што предвидува од септември 2019 година платите да бидат зголемени за 5 проценти за сите вработени во јавниот сектор.

Пратениците изгласаа потреба за донесување на законот по скратена постапка, по предлог на пратениците Јован Митрески, Ејуп Алими, Мерал Узеири-Ферати, Неџбедин Каремани, Мирослав Јовановиќ, Јусуф Хасани и Јагода Шахпаска.

Пратеникот Јован Митревски образложи дека покачувањето за 5 отсто на платите во јавниот сектор ќе ги опфати буџетските корисници – јавните установи, локалната самоуправа, социјалните фондови, агенциите итн…

-Со оглед на тоа што не станува збор за сложен и обемен закон, предлагаме да биде донесен по скратена постапка, рече Митревски.

Претседателот на Собранието Талат Џафери ги задолжи претседателите на две собраниски тела – Комисијата за труд и социјална политика, како матична, и Законодавно-правната комисија, да одржат седници за да го разгледаат и да се произнесат за предлогот.