Основната мотивација на секој инвеститор е своите заштедени средства да ги инвестира или вложи во определена компанија, банка, осигурително друштво или друга институција за да обезбеди принос од вложувањата. Односно, секој инвеститор ги вложува своите финансиски средства и се надева дека тие ќе се зголемат. Инвестициските фондови ги вложуваат средствата со цел да ги оплодат.
Така, на пример, во САД каде што инвестициските фондови се најразвиени, во период од 75 години наназад, тие веќе 59 години покажуваат позитивни финансиски резултати, а 16 години негативни. Долгорочно гледано, просечниот принос, што годишно го обезбедиле за своите инвеститори е 12,55%.Тоа преставува просек за сите фондови, што значи дека некои од нив обезбедиле поголем принос, а некои помал. Во САД во извесна форма инвестициските фондови се појавуваат во 19 век, каде што до 1923 година имало само 15 компании, а додека Велика Британија го бележи истиот број на компании во периодот од 1870-1875 година. До големата криза во 1929 година имало дури 4007.
Во 2015 година во САД инвестициските компании управувале со актива од 18,1 трилиони долари, што претставувало зголемување за околу 5 трилиони долари во однос на 2010 година. Бројот на инвестициски фондови во САД, на крајот од 2015 година изнесувал 16860, што е за 800 инвестициски фондови повеќе во однос на 2010 година овој број е во континуиран пораст и во 2016/17 година.Вкупниот број инвестициски компании во САД значително се зголемува од година – во година. Се поставува прашањето до каде сме стигнати ние, со целава работа?
Инвестициските фондови во Република Македонија се релативно нови финансиски институции за коишто законските можности за основање беа донесени во 2000 година, а првиот инвестициски фонд беше основан во 2007 година. Овој тип фондови сѐ уште претставуваат непознати финансиски институции за поголемиот дел од населението, што е резултат и за нивната позиционираност на пазарот на капитал. Во Република Македонија учесници на пазарот на капитал се: банките, штедилниците, осигурителните компании, лизинг друштвата, пензиските и инвестициските фондови.
Инвестициските фондови во Р.Македонија дефинитивно претставуваат незначителни учесници, затоа што активата со којашто управуваат е многу мала во вкупниот финансиски сектор.Тоа се должи пред се на неинформираноста на македонското население за овој тип на вложување и недоволната финансиска едукација. Еден од начините за вложување на својот капитал е преку отворен инвестициски фонд ,но што всушност преставува тоа?
Отворен инвестициски фонд се основа со цел прибирање парични средства преку јавна понуда, односно издавање на удели во фондот, чии средства се вложуваат во различни финансиски инструменти (акции, обврзници, депозити и други финансиски инструменти.) во согласност со определени принципи на сигурност, профитабилност, ликвидност и диверзификација на ризикот. Со инвестицискиот фонд управува Друштво за управување со инвестициски фондови врз основа на статутот, проспектот и законската регулатива. Инвестицискиот фонд на своите инвеститори, односно сопственици на удели, им дава можност за инвестирање на своите средства на пазари на кои секој поединечно не би можел да инвестира, како и користење на знаењето и техниките на Друштвото за управување.
Формирањето и отпочнувањето со работа на фондот го одобрува Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија. Но, притоа, е многу важно да се напомене дека преку соодветните механизми кои се на располагање се врши надзор, контрола и заштита на вложувачите. Во зависност од степенот на ризик што инвеститорите се подготвени да го прифатат, може да се избере типот на фондот што ним најмногу им одговара.Постојат неколку основни видови отворени инвестициски фондови, во зависност од инструментите во кои вложуваат, и тоа:парични фондови,обврзнички фондови,балансирани фондови и акциски фондови.
Инвестициските фондови се многу атрактивни за вложување и поради фактот што преку нив можат да се остварат поголеми добивки, отколку преку класичното вложување на средствата во банки и штедилници. Вложувањето средства во инвестициските фондови овозможува и распределување на ризикот кај овие средства, пред сé, поради професионалното управување и водењето на портфолиото, главно, преку следење на основните принципи и начела профитабилност, сигурност и ликвидност.
За повеќе информации и совети:
м-р Роберт Османовиќ
лиценциран осигурителен брокер
Моб. 077 708 198