Уште еден преубав македонски бисер од дебарскиот крај е селото Рајчица, сместено на самиот брег од езерото, село што има ни помалку ни повеќе туку четири цркви, вклучувајќи и еден од најпознатите манастири во земјата – Свети Ѓоргија Победоносец.
Кој не ја посетил Рајчица, не ја познава Македонија. Ова едногласно ќе ви го кажат сите дебрани, без разлика дали се православни, муслимани или од некоја друга религија. Селото е сместено на брегот на Дебарско Езеро и е едно од ретките во земјава и пошироко што во својот атар има дури четири цркви, барем така велат мештаните.
Главната верска икона е женскиот манастир Свети Ѓоргија Победоносец, кој претставува прекрасно здание во кое на човек едноставно ќе му снема здив од убавините со кои располага. Другите цркви се сместени во трите маала на ова преубаво село. Свети Варвара е црква во маалото Рајчки (средниот дел од селото), била подигната во 1507 година, Свети Атанасија е црквата во малото Влаовци (горно маало), а црквата Свети Димитриј се наоѓа во малото Радовци (долно маало).
Сите цркви се подигнати во почетокот на 16 век и опстојуваат до ден денеска.
Селото Рајчица се наоѓа на само два километри од градот Дебар, на надморска висина од околу 700 метри. Манастирот Свети Ѓорѓи Победоносец беше обновен во 1999 година, заедно со црквите Света Варвара, Свети Атанасија и Свети Димитрија.
До 1900 година во селото живееле околу 660 жители, сите Македонци со православна вероисповед.
Како познати личности што водат потекло од ова село, на сајтот на Википедија, се споменуваат преродбеникот Алексиј Зографски, потоа револуционерите Никола Аџиев и Силко Цветков, писателот Тришо Стојановски и Марин Докузовски, живата легенда на македонската кошарка.