Ратко Капушевски: „Скопје е еден урбан култ за мене, тоа не прави посебни“

Избор за СКОПСКИ ЛИК НА НЕДЕЛАТА, за оваа седмица е Ратко Капушевски. Од богатиот избор на теми за кои може да муабетиме со Ратко, се одлучивме да зборуваме за златните времиња на Colloseum и ноќниот живот во Скопје во периодите кои Ратко беше еден од главните организатори.

ИЗВОРСкопје24
|

Ратко Капушевски млад, урбан и секогаш насмеан човек е овонеделниот Скопски лик на неделата, кој со големо задоволство разговараше со екипатана Скопје24 и ни го раскажа забавниот дел од својата работа и својот живот. Може да се пофали со различни профили на работа почнувајќи од менаџерско организирање на култните забавите во некогашното „Колосеум“, па се до онаа денешната како Проект менаџер на Сергеј Самсоненко за Македонија. Има само 30 години зад себе, но со голем ентузијазам и искуство ни раскажа како Скопје живееше некогаш и што е она што најмногу го сака во него.

1. Кажи ни нешто повеќе за себе, како се доживуваш себеси?

– Како прво нарцисоидно би било да почнам сам да се опишувам. Од втор аспект не сум се анализирал, од трет аспект според мене, кој ме знае може реално да ме отслика и да ме опише каков сум како човек, а од последен аспект можам да се анализирам само во ситуација кога ќе погрешам, а тоа е ретко во животот. Имам среќа за тоа. Вака обично за приватните работи дома со блиските нешто ќе згрешам, некој проблем кога ќе излезе, па тогаш се анализирам. А знам и да се повлечам, знам да прифатам дека сум виновен и да се извинам за тоа, но некоја сопствена анализа на карактерот не сум направил. Кога би размислил подобро би ви одговорил. Ќе ми треба повеќе време, специфичен сум од повеќе аспекти. Триесет години имам денес, во животот сум бил во разно разни области и сум живеел разно разни работи. Шаренолико детство, шаренолики детски години, требаше повеќе да го размислам ова прашање.

2. Која е твојата помисла за Скопје?

– Скопје е градот каде што пораснав, градот што го сакам. Имав многу пати можности да одам во странство. Моите родители сакаа да ми овозможат студии во странство за кои што сум благодарен, но никогаш не ја прифатив таа идеја. Имав можност преку професионален ангажман да работам во еден проект во две држави во светот, така што секогаш тоа го одбивав, иако беше тоа на моја штета од финансиски аспект. Скопје е градот којшто никогаш не би го променил. Скопје е градот во којшто живеат луѓето кои што ги сакам. Многу луѓе знаат да се жалат од нашиот град, каков е тука менталитетот и слично да го опишуваат. Секој различно го доживува, но јас никогаш не би го сменил мојот град. Сакам сите луѓе кои ги познавам секогаш да бидат тука, иако дел од другарите ми се надвор во други држави и ми недостигаат многу, но кога ќе се најдеме со нив гледам што значи градот во нивните очи. Тие луѓе кои што се излезени надвор знаат повеќе да го ценат градот отколку ние самите што живееме тука. Ги сакам луѓето од Скопје, го сакам градот, иако секогаш може да живее подобро. Градот секогаш може да изгледа подобро, но не е дека ние сме некој град од Африка којшто е целосно неразвиен или нецивилизиран. Така што Скопје е еден урбан култ за мене. Тоа што го нуди градот, голем град од светските метрополи не може да го понуди, бидејќи голем дел од луѓето се познаваме меѓу себе, си знаеме голем дел од приватните работи, така што тоа не прави посебни на некој начин. Некој ќе каже дека овој аспект или оваа експликација која што ја давам, е дека сме село, но не би рекол дека сме село. Напротив тоа е една посебна вредност. Работам со странци, и странци кои живеат тука денес, а доаѓаат од големи градови, тие повеќе го почитуваат нашиот град отколку ние самите Скопјани. Тешки женски има и тешки машки исто така, но сепак има нешто по што сме посебни како Балканци. Не се разликуваме од сите држави меѓусебно, имаме некои сличности и конекција сите балкански држави, така што нема да кажам како Скопјани или како Македонци, туку едноставно ќе кажам дека ние Балканците сме еден посебен ментален склоп. Добродушни и гостопримливи, луѓе кои повеќе сакаат да се забавуваат. Сега лошото е што сите сакаме од небо да ни паднат пари и да живееме убаво. Сите сакаат да се пожалат. Се жалат кога немаат, па и кога имаат, а и кога премногу работат… и тогаш се жалат луѓето. Така што генерално сметам дека животот во Скопје е супер, од аспект на пријателства и дружења, кафичи и останато.

3. Каде го помина своето детство и по што најмногу го паметиш? Дали како дете беше прилично темпераментен или пак поповлечен и не си правеле многу проблеми на родителите?

– Во основно бев многу разгалено дете од страна на моите родители и од страна на моите баба и дедо. Крстен сум по дедо ми, така што бев центар на вниманието како дете. Знаев да бидам братоборен кога ќе дојдеа гости, да се степам со другарчето. Во градинка секогаш знаев да влезам во конфликт со дечиња кои што ги закачаа девојчињата, но по раѓањето на мојата сестра на некој начин добив една животна одговорност каде што малку се променив, да речеме, во тие детски години. Пет години е разликата помеѓу нас, и поради тоа бев многу заштитнички ориентиран спрема сестра ми, а ми тргна од карактерот и од мене одредени, размазани појави кои што беа присутни… одликите на размазано дете. Така што мислам дека сестра ми кога се роди машкоста во мене уште на мали години се роди, мажествената точка во мене се појави, потоа дојдов во основното школо во „Песталоци“. Кога почнав бев многу дружељубив. Бев дете кое што немаше страв од ништо. За предмети кои што сакав да ги учам стварно ги учев и многу брзо ги резимирав работите, но за предмети кои навистина не ме привлекуваа, бев тежок да ги научам. Дури кога тоа беа први часови многу ме мрзеше да станувам, а мајка ми многу се нервираше бидејќи таа е професор и за неа науката е нешто свето, студентите се најголемото богатство кои што ги има во животот, така што гледаше да ми наметне една нејзина одлика во животот колку треба да се едуцирам и вложувам во себе од аспект на наука. Сепак сметам дека никогаш не го постигнав она ниво кое што таа сакаше во образованието да го вметне во мене. Таа е главниот атрибут во мојот живот кој ме донесе до ова ниво каде што сум денес и придонесе до тоа уште многу млад да бидам на менаџерски позиции од аспект на нејзината воспитовнообразовна програма во детството која што ми ја даде. Во средно училиште потоа бев тешко дете, немирно дете имав сопствени ставови спрема животот. Влијаеше на мене онаа промена која што ја имав во годините, фактички се сменија другарите, нормално од основното образование, па си отидоа дел. Во основно образование всушност за прв пат почнавме да работиме како менаџери на оние џуниор забави, каде што ги привлекувавме нашите другарчиња и другарки па ги носевме во диско. Морам да признаам од мојата генерација бев еден од најпопуларните „менаџерчиња“.

4. Како млад човек како би го опишал ноќниот живот во Скопје и сакаш ли често да излегуваш во ноќни клубови кога имаш слободно време?

– Дискотеките беа подобри порано морам да бидам искрен. Можеби годините мои го кажуваат сега ова, но кога седнувам со луѓе кои се на мои години и пак малку повеќе се присутни во ноќниот живот, искрено кажуваат дека порано беше подобро за ноќен живот. Фалат одредени работи коишто во минатото постоеја. Поурбано се живееше, ноќниот живот порано беше поурбан отколку во денешницата која ја живееме. Оној дневен аспект пак на живот којшто ни го нуди градот сметам дека е поурбанизиран од минатото, така што постои некој баланс. Среќен сум што се појавуваат нови убави генерации и на момчиња и на девојчиња кои ќе ја креираат идната култура на Скопје. Секоја индивидуа помеѓу нас, сите сме дел од урбаниот култ, од култивирањето, од секаков аспект. Колку и да сме различни во карактерите, сите ние кои што денес живееме во градот придонесуваме кон урбаниот култ на градот така што секој треба да биде свој и да не му штети на градот. Ноќниот живот секогаш може да биде подобар, но дневниот начин на живот според мене е едно богатство кое што не секој град го нуди.

5. Најдобра забава во Скопје на која си бил, на која долго ќе се сеќаваш?

– Додека работев во Колосеум, како промотер имавме многу забави заедно со Саше и тогашниот газда на Колосеум, Зоки Свила. Ни поминаа преку 300 артисти низ рацете така што можам неколку да издвојам, но не можам да издвојам некоја посебна. Не можам да ги заборавам, нормално, излегувањата надвор со пријатели организирано се од Скопје. Така што сум бил на многу, многу добри забави и во Скопје и надвор од Скопје така што не можам да издвојам едно и да речам ова е најдоброто. Денеска навистина ми недостига тој начин на живот што го имав тогаш. Од аспект на финансиски приходи исто беше и тогаш исто е и сега, само што денешната работа е многу посериозна нема право на грешка. Таа работа и тоа време беше толку многу едноставно, така што ми фали тој начин на живот сеуште. Не можам да го заборавам никогаш и кога ќе имам мои деца сакам исто да го изживеат ноќниот живот како што јас успеав да го поминам. Долго време денеска сум по директорски позиции, од 22 години станав дел од Национална агензија за европски образовни програми и мобилност, па на некој начин се прекина тогаш. Сепак имав среќа што многу прогресивно го живеев ноќниот живот од 18 години до 22, така што тие 4 години ги изживеав како некој за 15 што треба да ги изживее. Не дека денес не излегувам. Не дека од 22 до денешните години не сум излегол, само што ако тоа од 22 до 25-6 беше два пати месечно сега тоа е смалено на еднаш во месецот. Зборуваме за излегување во диско или во кафич со пријатели, сепак тука се нормално вечери и кафиња коишто се неизбежни. Едноставно животниот стил ми налага да живеам навечер така. Копнеам по стариот начин на живот и уште живее тоа во мене. Кога ќе дојде барем приближна шанса да се изживее тоа како што порано сме живееле, кога ќе се собереме стара екипа на пријатели или од тоа време или нови пријатели денешни кои што навистина знаат да се забавуваат секогаш гледаме до крај да биде како што треба. Сепак обврските од работата не дозволуваат да станеш во 11,12 часот бидејќи работам во многу голема компанија која што е со премногу сериозни општествени-социјални дејствија каде што немаме право на грешка и работата како проект менаџер во оваа компанија едноставно не ми дава простор за тој начин на живот кој сум го имал претходно.

6. Колку мислиш дека се промени Скопје и луѓето од времето кога ти беш средношколец и тоа какви се денешните деца?

– Амбицијата е релативна работа кај секој човек, така што тој дел не можам да го коментирам секој човек си ја носи во себе исто како и карактерот. Дека секој сака убаво да живее, тоа е така. Јас како човек посакувам сите да бидат среќни и убаво да живееме, дека едноставно така ќе имаме посреќен град. Како што кажав секој еден од нас придонесува до урбаниот култ на градот, ние сме сите култиватори, така да кој животен стил го придонесуваме на градот таква ќе биде сликата за градот. За тоа младите како живеат денеска можам да кажам доминира еден животен стил кој што е сосема спротивен од мојот кој што го живеев јас. Јас растев со електронска музичка сцена која што денес е во целосен дефицит, постојат дечки и групи коишто се трудат тоа да го задржат сеуште, но тоа е во многу помали размери. За разлика од поранешната колосеумска приказна каде што имаше на пример четврток и сабота по 1.000 до 3.000 луѓе на журка, каде што луѓето имаа еманципиран развој, културата беше на повисоко ниво. Криво ми е што тоа денеска не е така. Tоа само можам да го кажам како негативна појава за градот, дека газдите на дискотеките мораат да се трудат малку повеќе кон современите и светски теркови и дека мораат истите да ги пратат и имплементираат тука, бидејќи тие овде се најзаслужни и најмногу придонесуваат кон животниот стил на градот. Од друга страна бидејќи сме мала држава со релативно ниска економија, сметам дека Министерството за култура треба да направи своја програма со која малку повеќе ќе ги стимулира уметниците и ноќниот живот и ќе одвојува средства по програми каде што сопствениците на клубовите ќе можат да носат странски врвни имиња коишто ќе бидат еднаш неделно застапени во градот. Ние сега живееме благодарение на „Аволон“, со неколку концерти во годината коишто можат ќе бидат прескапи за нас граѓаните, а сето тоа ќе биде на негативна штета на финансиската конструкција, на промотерите и со тоа замира постепено. Сакам да испратам апел до сите пореномирани компании на пазарот во своите спонзорски буџети малку повеќе да инвестираат во современата музика, наспроти „сељачизмот“ кој од балканскиот начин на живот се повеќе и повеќе се шири. Јас не викам да нема балканска музика тоа е балканска култура, стилот на Балканот и тоа треба да постои. Но колку што тоа постои треба да постојат и современите текови на живеење. Не само од аспект на електронска музичка сцена, мислам дека треба да има метал музика кој е на изумирање. Рокот ни е исто така, постојат неколку мали групи, бендови кои се трудат да го одржат нивото, но немаат позадина, помош и импут да го направат тоа на она ниво како што тие знаат да го направат. Ќе направам една паралела, еве јас работам спорт 7 години, да не беше Сергеј Самсоненко да застанеше позади нас сите што работиме со него, ние никогаш немаше да го направиме ова со Вардар. Не велам министерството да им плаќа се, туку отприлика 20 до 30 посто учество од договорот за букинг. Појаките компании да имаат буџети. Јас не можам да заборавам од тоа време како газдата на Колосеум работеше и беше многу активен на тоа поле. Имавме Хајнекен гринфилд, Туборг гринбит програми, коишто помагаат финансиски, но не доволно за да се задржи тоа. Потребни се повеќе такви програми кои на светско ниво компаниите ги имаат. Не можеме ние да очекуваме да имаме 5 концерти кои се организираат во годината и Скопје културно да живее. Од тие 5, 4 се фолк, бидејќи организаторот преку фолкот заработува. Јас не го осудувам, но фали малку повеќе менаџмент во овој дел за да тоа изгледа како порано што изгледаше. Кога ќе одиме надвор, сите сме свесни дека тоа што го имавме тука во Колосеум чини 50 евра, кај нас тоа чинеше 3 до 10 евра максимум, зависно од диџејот. Ние како менталитет никогаш не сакавме да платиме карта и така си го упропастивме најурбаното диско кое постоеше. Никој не сака денеска да плати ниту карта за во театар, сите бараат врски, а тој оди толку напред денес, но ние не ја негуваме таа култура. Тие надвор имаат полни сали, а ние тука ако не најдеме гратис не одиме во театар. Го имаме и Вардар денес кој е европски шампион во машка категорија и имаме вицешампион во женска конкуренција, фудбалски клуб во Лига Европа, но не им се купува карта на луѓето. Картата треба секогаш да биде согласно животниот стандард тука, и треба да внимава тој што организира таков јавен настан таа да биде достапна за секого. Тоа е дефицитот на ноќниот живот во Скопје денес. Затоа пак од дневен аспект на живот мене многу повеќе ми се допаѓа Скопје денес како изгледа, има многу повеќе урбани локали. Има многу повеќе ресторани со разновидна храна и Скопје од тој аспект нуди многу поголеми можности за разлика од порано. Ноќниот жалам, но како што кажав може да се подобро. Со Свила од Колосеум кога ќе се видиме, секогаш спомнуваме како навистина ни фали тоа време, и кога ќе се спомене Колосеум постои некоја тишина – како градот да чувствува дека некој од семејството му фали. Сите оние кои генерациски се блиски со мене, па и десет години разлика сите го делат истото мислење. Јас би бил најсреќен да излезе само пола од тоа што беше Колосеум, а дај Боже да биде многу, многу подобро.

7. „Кога ќе пораснам сакам да бидам…“ – Што е она што ти го посакуваше како дете?

– Завршив правен факултет, сакав да бидам адвокат од дете, но едноставно еве животот ме повлече во различни сфери. Како што кажав во времето на Колосеум работев во Бета продукција, од таму ме повлече политиката бидејќи беше едно силно движење и привлекување на млади кадри од страна на тогашната партија на власт и на 25 години станав директор на Националната програма за образовни програми и мобилност, која опфаќаше дел од образовната политика. Делот од програмите таму беа за финансирање на факултети, на основни и средни школи, давање средства на физички лица кои соработуваат со ЕУ, така што тогаш влегов во едни посериозни мои професионални ангажмани каде што веќе ми се намалуваше ноќниот живот и излегувањето. Таму бев околу една година и на околу 25 години отидов во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ каде што 4 години управував со компанијата. Градот е тој што ќе го каже своето мислење за тоа какво било моето работење, изгледот на компанијата, каква е денес и целото мое работење таму, па се до почнувањето на женскиот ракометен клуб на Вардар со името Спортски центар „Борис Трајковски“ кадешто со денешниот мој газда го започнавме проектот со Вардар. Се што се случува денес со Вардар е видливо. Морам да кажам дека секоја епизода од мојот живот и професионален ангажман ми е како еден нов факултет. Јас сум работел некои работи кои не сум ги работел од срце, но имам среќа да кажам дека 90 отсто од работите на професионален план секогаш сум ги работел со високи емоции и од срце. Ќе кажат многу луѓе коишто ми биле мои авторитети, а ќе се пронајдат во овие мои зборови, дека многу брзам. Јас брзам и дома, брзам и на работа, но брзањето носи и грешки кои сум имал среќа да бидат во многу мал размер, ама од моја сопствена анализа бидејќи многу пати сум бил критикуван дека брзам, погледнувам кон себе. Луѓето не можат да разберат, дека поради тоа што секогаш сум работел општествено-социјална работа која е за доброто на сите или на одредени таргети,брзам и го правам тоа од срце, бидејќи го правам за доброто на луѓето. Моето професионално портфолио опфаќа таргети и за одредена популација придонесува, па сум брзал за доброто на тие луѓе. Тие можеби не го гледаат тоа и не ни го знаат мојот стил на работа, но на крајот од денот сум среќен дека сум направил позитивни работи кои што, некој ги видел, некој не, но ме исполнуваат и стојам позади нив.

8.Сметаш ли дека во денешно време за успех повеќе е потребен квалитет и напорна работа или е потребна среќата и кое е твоето животно мото кое те води во животот?

– Не едното ни другото. Синхронизирано од двете прашања, ова се комбинирано со упорност, значи треба и макотрпна работа многу повеќе отколку во деведесеттите, бидејќи во такво време живееме. Тешко време е ова во кое Балканот живее и расте. Економијата е многу ниска , средствата се многу ограничени. Живееме во една многу сиромашна средина и за тоа треба да се држиме сите ние помеѓу нас, да бидеме сложни, да си помагаме максимално, за самата помош биде трговска размена. Минимална, но таа минимална кога ќе се врти, повеќе ќе се отвориме еден према друг, сите ќе имаат повеќе и ќе бидат посреќни. Треба да бидеме иновативни. Една мала државичка како Израел има само памет и иновации и за тоа се толку моќни. Кај нас има капацитет и интелектуалци кои што се како еден фонд за иновации кој постои и треба малце повеќе да се вложува во тие кадри да се задржуваат. Имаме многу индивидуалци коишто сами од себе успеале во различни фели. Така што одговорот на ова прашање е дека треба и упорност, и макотрпна работа, комбинирано со среќа, со самодоверба во себе, со верба во животот и никогаш да не се разочарувате. Ако не го добиеш тоа што го сакаш денес, ако не утре, ќе го добиеш еден ден. Само посветено и по тој пат кој што се движиме, да правиме добри работи за луѓето, да не правиме лошо, не посекоја цена.

9.Кое е твое омилено место во Скопје?

– Денот ми почнува овде во Барбакан од прв ден кога е отворено местото. Мојот доручек е тука, јадам сам и си го организирам денот. Тоа ми е битно, доручекот да ми е сам. Понекогаш знам и да ручам кога доцна седам во канцеларија, така што Барбакан можам да кажам дека е мојот втор дом веќе 6-7 години. Мое друго омилено место ми е и Хотел Русија, потоа место за себе во Скопје кое што ми го дава мирот ми е кејот покрај реката Вардар, за којшто сметам дека градот треба да вложи уште многу, бидејќи е место на многу Скопјани и можеме да го направиме посовремено место.

Наталија Јосифоска